Има поголема група наши државјани кои се заглавени, бидејќи пасошите им се истечени или повеќе немаат празни страници. А без пасош не може да се функционира во странска држава. Доколку излезат, назад враќање нема. Би изгубиле право на студирање, договори за работа итн, вели двократниот македонски олимпиец во пливање, Александар Миладиновски, кој со семејството живее и работи во Шангај
Министерот Османи вели дека проблем бил четиринеделниот карантин при влез во Кина, но тврди дека доколку нема друго решение, наскоро ќе испратат мобилна екипа за да им земе биометриски податоци на граѓаните
Повеќе од една година Министерството за надворешни работи не може да најде начин да го реши проблемот на македонските државјани во Кина кои се заглавени во таа земја затоа што не можат да ги обноват своите патни исправи.
Поради ковид-пандемијата во Кина се уште има строги правила за влез и излез од државата, па граѓаните не можат да се вратат во Македонија за да извадат нови патни исправи, бидејќи може да го изгубат правото на престој во земјата, работното место, студиите…
Меѓу нашите сограѓани заглавени во Кина е и двократниот олимпиец во пливање, Александар Миладиновски, кој со семејството живеее во Шангај, каде работи како професор.
„Ако излеземе, нема враќање назад“

„Има поголема група луѓе кои се заглавени, бидејќи пасошите им се истечени, им истекуваат во наредните месеци или повеќе немаат празни страници за евидентирање влез-излез. А без пасош не може да се функционира во странска држава. Луѓе се затворени, некои имаат и замрзнати банкарски сметки, бидејќи документите им се истечени. Доколку излезат од државата, назад враќање нема. Би изгубиле право на студирање, договори за работа итн. Во Шангај има нов бран на ковид-19, па цел град е во локдаун и не можеме да правиме ништо освен да купуваме храна онлајн,“
вели поранешниот пливач.
Миладиновски вели дека испратиле дописи до Амбасадата во Пекинг и до Министерството за надворешни работи во Скопје со молба да се најде решение, но не наишле на разбирање.
За сликање и издавање пасоши на македонската дијаспора, покрај мобилните тимови кои во одреден период одат во посета на земјите каде има наши државјани, Министерството за надворешни работи од лани започна со поставување на базни станици за земање биометриски податоци во 15 конзуларни преставништва на земјава, но не и во Кина.
Османи: Проблем е четиринеделниот карантин

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека досега не бил испратен мобилен тим во Кина, поради задолжителниот карантин при влез во таа земја. Побарале од Кина екипите на МНР да се изземат од тие мерки, но не добиле одобрение. Сепак, министерот тврди дека граѓаните нема да бидат оставени на цедило и дека се бара решение.
„Го знам овој проблем, бидејќи луѓето ме контактираат и мене директно. Не се тоа многу, тоа се неколку наши граѓани кои престојуваат во Кина на кои им се истечени пасошите и нема начин како да ги обноват. Знаете дека минатата година го почнавме проектот за поставување базни станици во нашите ДКП-а за да не мора само со мобилни екипи, неколку пати во годината, да може да се сликаат граѓаните. Проблемот овде е што Кина има карантин од четири недели при влегување во државата. И доколку ние пратиме екипа од овде со лаптоп за да може да ги сликаат граѓаните, ќе треба да бидат четири недели во карантин, па да ги сликаат, да се вратат и пак да им ги достават пасошите. И тоа не можеше да се организира. Се обидувавме со Република Кина да се изземат тие дипломати од потребата четири недели да останат изолирани во една соба во хотел, но не успавме тоа да го направиме. Ќе се обидеме пак. Доколку нема решение, ќе мора тоа да го направиме, луѓето да останат четири недели во карантин за да ги сликаат граѓаните“,
рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
И од Министерството за внатрешни работи велат дека се отворени да се најде начин како да се реши овој проблем, иако потенцираат дека тоа е надлежност на МНР.
„Во случај кога се поднесуваат барања во дипломатско–конзуларно претставништво, Министерството за внатрешни работи е надлежно за одобрување на барањата и изработка на патните исправи. Меѓутоа, целокупната организација за прием на барања, достава на изготвени патни исправи во ДКП и нивно врачување на подносителите е во надлежност на Министерството за надворешни работи. Доколку Министерството за надворешни работи има можност да организира прием на барања за патни исправи од студентите на Република Северна Македонија во НР Кина, Министерството за внатрешни работи ќе постапи по истите и стои на располагање за нивно изготвување во најкраток можен рок“,
велат од МВР.
Други земји поинаку го решаваат проблемот
Граѓаните кои се заглавени во Кина, пак, алармираат дека времето „ги гази“ и дека е неопходно брзо решение. Дел од нив велат и дека би им ги платиле трошоците на вработените во МНР само да се заврши постапката.
Османи потенцираше дека не се проблем финансиите, туку организацијата на постапката за земање биометриски податоци. Уверува дека наскоро ќе има решение, но не кажа кога.
„Не е прашање на трошоци, беше повеќе прашање на можност за организација. Но, немаме друго решение, мораме тоа да го направиме. Веќе дадени се насоки на Директоратот за конзуларни работи да најдат начин како да се сликаат овие граѓани“,
рече Османи.
Но, дури и МНР да испрати мобилен тим во Кина, македонските државјани кои живеат таму потенцираат дека условите за патување низ внатрешноста на државата се строго ограничени поради ковид-пандемијата и локдаунот. Па, апелираат државата да најде начин како да им ги обнови документите по брза постапка.
„Во сите држави во регионот и Европа луѓето кои живеат во странство може да аплицираат за пасоши без да мора да се враќаат назад во нивната држава, туку се испраќаат податоци и пасоши по пошта. Не знам која е пречката да се најде начин да се извадат документите по брза постапка, особено за оние чии пасоши имаат рок на важност, но им се потрошени страниците. Зошто овие документи да не можат да се издадат според веќе постоечките податоци од досегашните патни исправи? Времето оттчукува и треба да се има предвид дека граѓаните се навистина во незавидна положба“,
потенцира Миладиновски.