Сè уште не се знае дали ќе ги соберат потребните по илјада потписи трите кандидатски листи за пратеници обединети околу платформа за поништување на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија
Неколку часа пред истекот на рокот за собирање потписи, неизвесно е дали во изборната трка на 12 април ќе учествуваат и три независни листи за пратеници кои се обединети околу платформа за поништување на договорите што македонската влада ги постигна со Грција и со Бугарија, како и на т.н. Тиранска платформа.
Носители на овие три листи за првата, втората и петтата изборна единица се поранешната новинарка Емилија Гелева, Игор Цветковски и Петар Котевски. Други познати имиња меѓу предложените кандидати се актерката Арна Шијак, која е трета на листата во втората ИЕ и архитектот Вангел Бошиновски, кој е втор во првата ИЕ.
Гелева и Божиновски ни изјавија денеска дека сè уште немаат информации дали се собрани потребните 1.000 потписи за тие да може да влезат во изборната трка во првата изборна единица. Шијак, пак, вели дека нема информации каква е ситуацијата на целата територија на втората изборна единица, ама посочува дека не е охрабрена од интересот на избирачите во нејзиниот пункт.

На прашање дали се обиделе да ја артикулираат својата платформа преку ВМРО-ДПМНЕ, чија кампања во последниот период исто така е фокусирана на оспорување на Преспанскиот договор, Шијак посочува на изјави на функционери на опозициската партија дека овој договор, сепак, е реалност.
„Сепак, нашата цел не беше да се врзуваме за политички партии, туку да настапиме како индивидуи со заеднички ставови по одредени клучни прашања за земјата. Од некаде мора да почне освестувањето на граѓаните. Но, се соочивме со многу пречки и опструкции. Имаме информации дека граѓани биле одвраќани да дадат поддршка, рокот за собирање на потписите е скратен, а местата за потпишување во голем дел се непристапни“,
вели Шијак за „360 степени“.
Платформата на овие три листи со вкупно 60 кандидати предвидува, меѓу другото, и „почитување на волјата на мнозинството Македонци изразена преку неуспешниот референдум на 30 септември 2018 година“, но и преиспитување на сите собраниски и владини одлуки, почнувајќи од 27 април 2017 година…

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека не се запознаени дека гласачи од, условно кажано, десничарскиот идеолошки табор собираат потписи за учество на изборите. Велат дека секој што ќе ги собере потребните по 1 000 потписи во една изборна единица има право да учествува на изборите. Друга работа е, како што велат од прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ, дали со тоа ќе им се направи услуга на социјалдемократите и на Зоран Заев.
Откако почна да тече рокот за собирање потписи, на 26 февруари, во ДИК се поднесени уште три независни листи за пратеници, во другите три изборни единици во земјава. Така, во шестата ИЕ подносител на независна листа е Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонци со исламска вероисповед.
Процесите што се одвиваат пред овие избори во таборот на политичката десница се по сличен терк како за време и по референдумот за името. Иако ВМРО-ДПМНЕ никогаш не излезе со чиста позиција за бојкот, всушност, во заднина лобираше за апстиненција од гласањето. Затоа, пак, неколку здруженија на граѓани јавно повикуваа на бојкот на референдумот, за што организираа и протести пред институциите. Една полиберална струја во ВМРО-ДПМНЕ, пак, се залагаше за учество на референдумот, а потоа даде и поддршка за имплементацијата на Преспанскиот договор.
Петар Богојески, кој беше разрешен од заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што се залагаше за гласање на референдумот, неодамна најави учество на изборите преку граѓанската платформа „Македонски концепт“. За таа цел тој објави и граѓански манифест, кој се базира на заложби за нормална држава, за фер општество, за европеизација, за деидеологизација, за одговорно управување, за слободен човек, за законитост, за правдина, за политички дијалог…

Сепак, Богојески не открива како планира да учествува на изборите, со оглед на тоа што зад него не стои партија ниту, пак, поднел листи за собирање потписи од граѓани, за што рокот истекува вечерва на полноќ. Според тоа, единствена алтернатива за „Македонски концепт“ е да се вклучи во изборната трка е преку некоја од регистрираните партии или коалиции.
Богојески денеска соопшти дека го замрзнува членството во ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови, во периодот на имплементација на Преспанскиот договор, беа исклучени или разрешени од функции и други познати имиња од политичката сцена. Покрај независните пратеници, кои гласаа за уставните измени, од функции или од членство во партијата беа разрешени и Митко Јанчев, Никола Тодоров, Сашо Мијалков, Даниела Рангелова… Сепак, по потегот на Богојески за замрзнување на членството во ВМРО-ДПМНЕ, од партијата тврдат дека во нивниот Статут не постои таков механизам за ставање на членството во мирување.