До крајот на оваа година еден армиски вод и штабен персонал на Армијата на Република Северна Македонија ќе станат дел од мисијата на НАТО во Косово – КФОР.
Владата денеска ја усвоила информацијата за учество на македонската армија во оваа мисија и го задолжила Министерството за одбрана да преземе мерки за распоредување 45 припадници на војската во Косово.
„Владата го задолжи Министерството за одбрана да преземе потребни мерки и да ги регулира сите прашања со надлежните институции на НАТО и КФОР, за распоредување единица во јачина на еден вод и штабен персонал (вкупно до 45 лица) во операцијата КФОР на Косово до крајот на 2020 година, и да ја извести Владата за преземените мерки во врска со учество на Република Северна Македонија во операцијата на НАТО во Косово – КФОР најдоцна до 15.12.2020 година“,
се вели во владиното соопштение.
Ова е прво учество на припадници на македонската армија во мисијата на НАТО во Косово – КФОР. Република Северна Македонија на 27 март оваа година стана 30. членка на НАТО-алијансата.