Следниот натпревар македонските ракометари го играат в сабота со репрезентацијата на Франција, а дуелот е закажан за 20:30 часот
Со втората победа на Светското првенство, македонската ракометна репрезентација ги зачува теоретските шанси за пласман во четвртфиналето на мундијалот.
Македонските ракометари денеска беа подобри од репрезентацијата на Катар и ја победија со резултат 39:34.
И во првиот дел од натпреварот, избраниците на Кирил Лазаров беа подобри од Катар и на полувреме заминаа со резултат 21:17.
Ракометарите на Катар први поведоа, но Македонија потоа израмни и во текот на првите 30 минути го имаше водството и контролата на играта. Истата игра македонските ракометари ја продолжија и во второто полувреме што на крајот резултираше со победа.
Најефикасни во македонскиот тим беа Филип Кузмановски и Жарко Пешевски со по шест гола, а Марко Митев и Никола Костески постигнаа по пет.
Селекторот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров е презадоволен од изданието што неговите избраници го покажале на денешниот натпревар со Катар.
„Честитки за ракометарите, за она што го даваат за Македонија. Тешко е петти натпревар да се игра со ваков висок интензитет. Но момците покажаа дека сме на вистинската насока. Верувам во оваа репрезентација. Единствено ни недостига искуство кое се стекнува преку вакви натпревари. Победата ја посветуваме на нашите навивачи. Ни претстои дуелот со Франција. Имаат страшен тим. Немаме што да изгубиме на тој меч. Ќе се обидеме на друг начин да играме. Во секој случај ќе биде извонредно тешко со Французите“,
рече Лазаров.
Со денешната победа Македонија има четири бодови и е изедначена на втората позиција на табелата со Холандија, а е пред Унгарија и Австрија кои имаат по три бода. Последен на табелата е Катар кој е без бодови.
Сепак, останатите екипи во второто коло од Група-2 играат вечерва, а резултатите може да донесат и промена на распоредот на табелата.
Следниот натпревар македонските ракометари го играат в сабота со репрезентацијата на Франција, а дуелот е закажан за 20:30 часот.