Македонија е прва по смртноста од ковид-19 во регионот – гласеа насловите на повеќе медиуми во земјава во текот на изминатата недела. Надлежните не ја оспорија веста, бидејќи во некои аспекти таа е апсолутно точна. Но, малку поинаква анализа на бројките води до друг заклучок – дека земјава е во „златна средина“ кога е во прашање смртноста од коронавирусот во регионот.
Зошто е сето ова важно и од каде разликите?
Смртноста од ковид-19 во една земја е меѓу главните показатели за тоа колку едно општество е погодено од коронавирусот. Но, различниот пристап кон статистиките носи и до различни одговори за таа состојба. Една група податоци може да сугерира на раширеноста на болеста, додека други – на способноста на здравствениот систем да се справи со епидемијата.
Она по што Македонија е „најлоша“ во регионот е бројот на смртни случаи на 1 милион жители, кој изнесува 26. Следниот најблизок сосед според оваа статистика е Србија со 15 случаи на 1 милион жители, па Грција со 12, Албанија со 9, Косово со 6,5 и Бугарија со 6.

За овој податок не се потребни пресметки туку само „препишување“, бидејќи показателот е еден од начините на рангирање на државите на светски најрелевантната ковид-мапа https://www.worldometers.info/coronavirus/.
Но, истиот извор нуди уште еден показател кој е важен за градење на сликата за смртноста од коронавирусот во една држава, а тоа е бројот на заразени од вирусот. Според таа статистика, Македонија е втора во регионот според бројот на заразени на 1 милиони жители со 591. Прва е Србија со 789. Сите останати имаат помалку од 300 заразени на 1 милион жители, што значи најмалку двојно помалку од земјава. Значи, Македонија има најмногу смртни случаи на милион жители во регионот и е втора според бројот на заболени на еден милион жители.

Прашањето кое следно се наметнува е – зошто земјава има толку многу потврдени случаи? Иако бројките не можат да одговорат се, една од претпоставките е – затоа што Македонија има најмногу спроведени тестови на 1 милион жители од сите соседи, околу 5 900. Грција има 5 300, Србија 5 200, Бугарија 3 800, а Албанија 2 000 тестирани на еден милион жители или три пати помалку од земјава.
Колкава е тогаш смртноста во Македонија?
Формулата за одредување на степенот на смртност од ковид-19 (и од други болести) која вообичаено ја користат и научниците е бројот на починати лица да се подели со вкупниот број заразени и да се помножи со сто. Во случајот на земјава, тоа се 55 починати од вкупно 1231 регистрирани пациенти со коронавирусот или околу 4,5% од тие што се заразиле, не успеале да го преживеат вирусот.
Кога истата формула ќе се пополни со податоците од соседните земји, најлош „скор“ има најразвиената држава во регионот, Грција. Таму стапката на смртност е 5%. Потоа следува Бугарија со стапка на смртност маргинално полоша од Македонија – 4,6%, додека во Албанија таа изнесува маргинално пониски 4,3%. Само Косово и Србија известуваат за значително понизок процент на смртност, кој е подобар не само од просекот за регионот туку и од најразвиените здравствени системи.

На пример, со стапка на смртност како Србија не може да се пофали ниту Јапонија, каде здравствениот систем бележи морталитет од 2,4%, што пак е идентично со тоа што во регионот го пријавува Косово. Полоша и од Србија и од Косово е Германија, каде смртноста е 3,3% од вкупниот број на регистрирани заболени.
Генерално, сепак, целиот наш регион засега стои подобро од светскиот просек на смртноста од ковид-19, кој изнесува 6,9%. На таа бројка силно влијание ударот од епидемијата, пред се, во Шпанија и во Италија, каде вкупно починаа околу 46 000 луѓе од 388 000 потврдени случаи со коронавирусот, или близу 12% од заболените.
САД, кои во моментов се во фокусот на светското внимание, навистина имаат најголем број случаи – над 800 000, и најголем број на починати – над 43 000. Но, смртноста засега е релативно ниски 5,4%, доколку за репер се земат Шпанија и Италија.