По неколкунеделното „водство“, земјава повеќе нема најмногу заболени од ковид-19 по глава на жител во регионот. Приматот го презедоа Црна Гора и Косово, а Босна и Херцеговина се „израмни“ со Македонија
Во седумте последни дена, заклучно со вчера (петок, 24 јули), во земјава биле регистрирани 1 016 нови случаи на ковид-19. Како што покажува графиконот подолу, тоа значи дека нема значителни промени во бројот на нови случаи на коронавирус во споредба со претходните недели.
Или, 1 016-те случаи од последните седум дена се нешто повеќе нови случаи споредено со претходните две недели, кога се регистрирани 1 014 односно 996 случаи за седум дена. Но, од друга страна, последнава недела има нешто помалку случаи споредено со седмицата на почетокот на јули кога имало 1 032.

Но, додека состојбата во земјата барем кога се во прашање бројот на новодијагностицирани случаи не покажува значителни промени на подобро или полошо, дел од земјите во регионот почнаа да пријавуваат полоши резултати од тие на земјава.
Состојбата ескалира особено во Црна Гора и во Косово.
Доколку се земе бројот на нови случаи во последните седум дена (завршувајќи со вчера – петок, 24 јули) и потоа се прилагоди на бројот на населението, Македонија во моментов е во „златна средина“.
Имено, во измината недела во Црна Гора се регистрирани 700 нови случаи, што прилагодено на бројот на население значи 115 нови случаи на ковид-19 на 100 000 жители за само една недела. Во Косово минатата недела тамошните здравствени власти откриле 63 нови случаи на коронавирус на 100 000 жители. Босна и Херцеговина и Македонија делат ист „резултат“ – во изминатите седум дена се откриени 48 нови случаи на ковид-19 на 100 000 жители. Србија има 39, Бугарија 24, Албанија 22, а Грција само 2 нови случаи на коронавирус на неделно ниво на 100 000 жители.
