Ваквата одлука се аргументира со намерата на властите во Скопје во наредниот период да се фокусираат на регионалната безбедност и стабилност

Северна Македонија не е подготвена да испрати војници во Украина кои би биле дел од можен европски воен контингент како потенцијална гаранција за одржлив мир во Украина.
Ова го брифираат високи извори во Министерството за надворешни работи кои инсистираат на анонимност.
Објаснувањето за ваквата одлука се аргументира со намерата на властите во Скопје во наредниот период да се фокусираат на регионалната безбедност и стабилност и Северна Македонија и, како членка на Алијансата, да работи на зајакнување на источното и јужното крило на НАТО.
Исто така, она што дипломатските извори го велат за „360 степени“ е дека останува неизвесна натамошната воена помош што земјава ќе ѝ ја дава на Украина во одбраната од руската агресија.
„Дали тоа ќе продолжи, дополнително ќе се утврдува во консултации на државно-владиниот врв“,
коментираат нашите извори.
Тие не мислат дека со ваквото позиционирање Северна Македонија се дистанцира од ЕУ за сметка на приближувањето кон новата американска администрација.
Ставот на официјално Скопје е дека и при неодамнешното гласање во ОН – воздржано за европската резолуција за Украина – се опстоило на принципиелната надворешна политика која се темели и на членството во НАТО и на усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но и на стратешкото партнерство со САД.
„Убедени сме дека ја донесовме вистинската одлука“,
велат од МНР.
Аргументите што се користат е дека овој курс не е антиевропски и дека и покрај затегнатите трансатлантски односи не треба на ситуацијата да се гледа како на црно-бела.
Владата смета дека блиските релации со оваа администрација не само што ќе ја продолжат поддршката на Вашингтон за македонските евроинтеграции туку и дека ќе има помош за деблокада на процесот заглавен поради неисполнетите уставни измени.