„Сметам дека Македонија има и добро историско наследство, кое може да ги поврзе и АСНОМ, и Илинденскиот период, и претходните периоди на нашата заедничка држава, и тоа да се отслика во еден современ државен грб којшто би бил подобар и би ги одразувал на еден поквалитетен начин определбите на Македонија, и во таа симболика да биде дел од европското друштво на држави“, изјави Милошоски
Отворањето на темата за промена на државниот грб во овој момент не е дефокусирање од економската криза, ниту пак е поврзано со претстојните локални избори, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Тој смета дека Македонија треба да има современ државен грб и со неговата симболика да биде дел од европското друштво на држави, а не во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола, смета Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието.
„Ако зборуваме за современи државни обележја, засновани на одредена објективна хералдика, тогаш навистина Македонија не сметам дека би требало да остане во друштво со Белорусија, со Таџикистан и со Ангола. Ова се меѓу ретките земји во светот коишто се уште имаат советска симболика по однос на државните грбови. Сметам дека Македонија има и добро историско наследство, кое може да ги поврзе и АСНОМ, и Илинденскиот период, и претходните периоди на нашата заедничка држава, и тоа да се отслика во еден современ државен грб којшто би бил подобар и би ги одразувал на еден поквалитетен начин определбите на Македонија, и во таа симболика да биде дел од европското друштво на држави“,
изјави Милошоски, одговарајќи на новинарски прашања пред презентацијата на наоди од анкета за перцепцијата на јавноста за евроинтеграцијата на државава.
Според него, иницијативата треба да отвори дијалог преку кој би стигнале до консензус во одреден период, без ограничувања дали тоа ќе се случи за три, шест или девет месеци од сега.
„Добро е да се разговара за оваа тема и таа да биде поткрепена со објективни аргументи“,
додаде Милошоски.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашањето за промена на државниот грб.
„Ова прашање го отворивме. Ние сме една од двете постсоцијалистички држави што сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации“,
рече тој.
ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашањето за промена на државниот грб
За потсетување, идејата за промена на државниот грб потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски излезе со таков предлог.
Станува збор за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.
Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.
* Поврзани вести:
Касами освен државниот грб смета дека треба да се сменат и химната и формулацијата „20 отсто“
Немаме договор за промена на државниот грб, но разговараме за сите отворени прашања, вели Меџити