Во интервју за ТВ 24, првиот вицепремиер и министер за животна средина вели дека никој не може да го оспори фактот што и државниот грб и националната химна потекнуваат од, како што рече, комунистичко време и не ја одразуваат реалноста онака како што треба
Немаме договор, но разговараме за сите отворени прашања, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити прашан дали постои договор со ВМРО-ДПМНЕ за промена на државниот грб.

Во интервју за ТВ 24, тој вели дека никој не може да го оспори фактот што и државниот грб и националната химна потекнуваат од, како што рече, комунистичко време и не ја одразуваат реалноста онака како што треба.
Отворено, како што рече, е и прашањето за албанскиот јазик.
„Сите знаеме дека формулацијата ‘јазикот што го говорат 20 проценти од граѓаните’ е омаловажувачка и потценувачка за втората заедница во државата, но ова се разговори, немаме договор“,
изјави Меџити во емисијата „24 анализа“
Премиерот Христијан Мицкоски вчера информира дека во владејачката коалиција го отвориле прашањето за промена на државниот грб, велејќи дека земјава е една од двете постсоцијалистички држави што сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации.
Коментирајќи на темата, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, пак, рече дека доколку има иницијатива за промена на државниот грб, тие најостро ќе се спротивстават.