Министерот вели дека постапката ќе биде повторена за таа да биде спроведена на законски начин
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави ревидирање на целата документација за преземање на Универзална сала од Град Скопје.
Според него, начинот на кој Универзална сала е преземена од Град Скопје во Министерството за култура не е легален и постапката ја оцени како проблематична.
Љутков вели дека првата фаза од постапката за изградба е во тек, но оти е запрена втората фаза.
„Проблемите со документацијата не се однесуваа толку на фазите, туку се однесуваше на постапката на преземање, која реално е проблематична. Како министер за култура не сум во состојба да ставам потпис на било кој документ бидејќи во ова фаза мене ми изгледа реално како да работиме нешто нелегално. Затоа целиот овој процес го ставив во мирување. Првата фаза си тече постапката, се гради, но во делот на втората фаза запрена е постапката, ќе ја ревидираме, а веќе сме пред крај, целата документација на начинот како е преземена од Град Скопје во Министерство за култура, а реално не е преземена на легален начин“,
рече Љутков денеска одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на Штип.
Љутков додаде дека постапката ќе биде повторена за таа да биде спроведена на законски начин.
„Се разбира дека понатаму ќе продолжиме со изградбата“,
рече тој.
Министерот денеска даде уверување дека до крајот на 2028 година, кога Скопје е европска престолнина на културата, ќе има здрав, современ објект според сите стандарди, а тоа е Универзална сала.
Предавањето на документацијата за Универзална сала од Град Скопје на Министерството за култура беше актуелно во мандатот на Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката, во февруари годинава, кога најави дека ќе продолжи изградбата на Универзална, ја објасни постапката која ја поминале за да ја добијат документацијата. Таа велеше дека четири пати ургирале до градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје и до градските служби, откако претходно виделе дека нема никаков одговор.
Костадиновска-Стојчевска тогаш кажа дека кога добиле зелено светло оти ќе ги добијат документите, а и кога веќе ги добиле иако некомплетни, побарале пари во буџетот за 2024 година.
Министерката упатуваше апели до градоначалничката и до Советот на Град Скопје да излезат во пресрет бидејќи Скопје е избран да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, а Универзална сала е институцијата која аплицирала.
На 20 јули годинава, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.
Откако изградбата продолжи, на Универзална сала во април годинава беше поставена нова покривна купола. Петнаесетина дена подоцна во Универзална сала се случи пожар.
Сопственикот на фирмата која работи на реконструкцијата на салата, по пожарот рече дека не изгорела Универзална сала, туку изгореле градежните материјали што требало да бидат дислоцирани од тој објект.
Според него, сè што било во Универзална сала и што имало некоја вредност и за во музеј и за да може да се искористи, уште во 2021 година било извадено, а во салата биле останати само старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум.