Нема официјална потврда дека Владата веќе ја започнала постапката за именување на Фрчкоски за шеф на Мисијата на Северна Македонија во Обединетите нации, за што не е потребна согласност од организацијата домаќин
Љубомир Фрчкоски ќе биде шеф на Мисијата на Република Северна Македонија при Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк, дознава „360 степени“. Откако надлежните институции ја прекинаа постапката за негово назначување за амбасадор на земјава во Соединетите Американски Држави, по кампањата што против него ја поведе Обединета македонска дијаспора (ОМД), заминувањето во Њујорк би било „утешна награда“ за Фрчкоски.
За разлика од процедурата за именување амбасадор во одредена држава, која подразбира добивање агреман (одобрение, согласност од една држава за прифаќање дипломатски претставник од друга држава), за назначување шеф на мисија во мултилатерална меѓународна организација, каква што се Обединетите нации, не е потребна претходна согласност од организацијата домаќин.
Нема официјална потврда дека Владата веќе ја започнала постапката за именување на Фрчкоски за шеф на Мисијата на Северна Македонија во ООН. За Андреј Жерновски, кој првично се споменуваше како амбасадорски кандидат за Њујорк, наводно се подготвува друга позиција, надвор од дипломатијата.
Порталот „Либертас“ пред околу три недели објави дека „ОМД, која е блиска и инклинира кон националистичките структури во Македонија, служејќи се со аргументи од типот човек кој бил предмет на лустрација и бизарности дека е тепач на паркинзи, успеала да убеди сенатори за да го испроблематизира прифаќањето на Фрчкоски за новиот амбасадор во САД“.
„Улогата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во ова лобирање било да им обезбедат на челниците на ОМД валкани аргументи дека Фрчковски е тепач на жени за да го претстават како сексист и дека бил лустриран со законот за лустрација кој за волја на вистината е оспорен, но ѝ послужи на тогашната влада на Груевски за пресметка со многу нивни критичари и неистомисленици“,
објави „Либертас“.
Фрчкоски, универзитетски професор по меѓународно јавно право и политички теории, во периодот од 1992 до 1997 година беше министер без ресор, министер за внатрешни и министер за надворешни работи. Тој му беше и надворешен советник на претседателот Борис Трајковски. Во 2009 година беше кандидат на СДСМ на изборите за шеф на државата.