Експретседателот на партијата смета дека е незаконски да му биде одземена функцијата почесен претседател, како што предвидуваат измените на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ
Првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, ќе ја тужи партијата затоа што со последните статутарни измени се укинува функцијата почесен претседател, чиј носител беше тој. Информацијата, која прв ја објави порталот „Поглед“, предмалку за „360 степени“ ја потврдија и од неговата сегашна партија ВМРО-НП.
Меѓу аргументите на тимот на Георгиевски се дека функцијата почесен претседател тој ја добил на највисокото партиско тело, Конгресот и дека не може да биде одземена од страна на Централниот комитет. Дополнителна основа, според извори од ВМРО-НП, е правната регулатива дека веќе стекнато право не може да биде одземено. Георгиевски, заедно со тим од адвокати, веќе ја пишува тужбата.
Георгиевски е актуелен претседател на ВМРО-НП, која на изборите беше дел од коалиција „Можеме“ предводена од СДСМ и освои едно пратеничко место преку Љупчо Балкоски.
Освен Георгиевски, почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше и Никола Груевски.