31-годишен ловџија од скопското село Љуботен со прострелна рана во стомакот бил донесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Како што информира полицијата, настанот во кој тој бил повреден се случил вчера во викендичка во селото.
Според соопштението на МВР, повредениот останал сам во викендичката кога други двајца ловџии, со кои заедно биле на лов, слушнале истрел што доаѓа од објектот. Кога влегле, во една од собите го пронашле повредениот ловџија.
„На 26.11.2022 во 19.15 часот во СВР Скопје од Итна медицинска помош било пријавено дека во село Љуботен, скопско, има повредено лице од огнено оружје, кое со возило било однесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Од полициски службеници од СВР Скопје излезено било на местото на настанот и било утврдено дека станува збор за М.Љ. (31) од село Љуботен, кој, според првично пријавеното од лицата кои биле со него, Р.А. и М.А., биле заедно на лов во с. Љуботен. Според пријавеното, повредениот останал сам во викенд куќа и во еден момент, Р.А. и М.А. слушнале истрел од огнено оружје и кога се упатиле кон викенд куќата, го пронашле повредениот во собата со прострелна рана во пределот на стомакот“,
соопшти МВР.
Од МВР работат на расчистување на случајот.