Во вториот круг за градоначалник на Софија ќе се тркаат Васил Терзиев, кандидат на ПП-ДБ и Вања Григорова од БСП (бугарските социјалисти)
Граѓаните на Бугарија денеска гласаа на локални избори за избор на градоначалници и за општински совети.
Државната изборна комисија во Бугарија се уште ги обработува резултатите, а според официјалните резултати оттаму, излезноста до 16 часот била 34, 16 отсто.
Според првичните излезни анкети, во голем дел од бугарските општини ќе има втор круг за избор на градоначалници, а битката, во главно, ќе биде меѓу кандидатите на владината коалиција ГЕРБ и „Продолжуваме промената-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).

Излезните анкети покажуваат дека втор круг за градоначалник ќе има и во Софија, но таму власта ја губи ГЕРБ на Бојко Борисов, бидејќи нивниот кандидат е трет според резултатите на денешното гласање.
Во вториот круг за градоначалник на Софија ќе се борат Васил Терзиев, кандидат на ПП-ДБ и Вања Григорова од БСП (бугарските социјалисти).
Од поголемите градови во Бугарија, во Пловдив во вториот круг ќе се тркаат кандидатите на ГЕРБ и на ПП-ДБ, а исто ќе биде и во Варна, Хасково, Велико Трново.
Според првичните излезни анкети, во првиот круг се избрани градоначаници во Бургас, Стара Загора, Перник, каде победиле кандидатите на ГЕРБ и во Крџали, каде победил кандидатот на ДПС, популарната партија на Турците во Бугарија.