Тројца повредени работници се пренесени во болница и не се во животна опасност
Пожарот што избувна по експлозијата во воената компанија „Слобода“ во Чачак e локализиран, а тројца повредени работници се пренесени во болница и не се во животна опасност, изјавија утрово за новинарите во Секторот за вонредни состојби и во болницата во Чачак .
Според првичните податоци, детонацијата што се случи синоќа околу 19.50 часот, на околу еден километар од производствените погони, предизвикала пожар надвор од фабричкиот круг на две локации, на висина од околу 1,5 метар.
Детонацијата ги искрши прозорците во еден погон, каде што со посекотини се здобиле тројца работници. Еден работник бил сместен на одделот за интензивна нега.
По експлозијата во „Слобода“, чија силна детонација се слушна во целиот град, локалните власти во Чачак синоќа наредија евакуација на населението кое живее во непосредна близина на фабриката, како мерка на претпазливост.
Градот Чачак организираше евакуација на Градскиот стадион за граѓаните кои немаат алтернативно сместување. Хотелските капацитети во градот се резервирани за можен прием на граѓани.
За време на експлозијата во „Слобода“, причинета е материјална штета на станбените згради околу фабриката.
Во последните 16 дена се случија две експлозии во фабричките објекти во воената компанија во Чачак.