Знамињата на 84 држави-учеснички на Олимписките игри во Токио, меѓу кои и на Северна Македонија, добија уметничка интерпретација во форма на самурај – традиционален јапонски воин
Група јапонски уметници се надеваат дека ќе им помогнат на луѓето да го прифатат и духот на Олимписките игри и јапонската култура со тоа што ќе ги претстават знамињата и земјите на државите-учеснички на игрите како самураи.
„Самураите се уникатни за Јапонија и сакаме сите да се запознаат со традиционалната јапонска култура“,
вели уметникот Камаја Јамамото.
Според Јамамото, во цртањето на самураите се земени во предвид историјата на знамето на една земја, како и неговите бои и дизајн. Направено е и кратко истражување на културата која се претставува, па секој самурај, односно знаме, доаѓа со кратки лични карактеристики, силни и слаби страни – слично како карактер од видео игра.
„Се надеваме дека ова може да биде начин за луѓето да научат нешто за другите земји“,
вели друг уметник од проектот, Козо Јамада.
Македонскиот самурај се вика Манчевски, омилена храна му се ќебапи
Како јапонските уметници го смислиле и преставиле македонскиот самурај? Цртежот може да се види во двете илустрации подолу и на следниот линк.
Јапонските уметници ставиле дел од знамето на градниот оклоп на „самурајот“, а го облекле и во чизми кои сметале дека би одговарале на традиционален воин од земјава.
Освен илустрација, за секој самурај, па и за тој од Северна Македонија, има „лична карта“. Името му е „Манчевски“. Хобито му е „восхитување на бронзенени статуи“. Оваа карактеристика можеби нема да им се допадне на многумина, но тоа е разбирањето на јапонските уметници. Омилена храна на „Манчевски“ му се ќебапите и мусаката.
Има и кус опис за личноста. Се вели дека „Манчевски“ е особено независен и поседува особено лидерство. Пријатен и пријател со секого.
А какви се „самураите“ на соседите?
Јапонските уметници досега нацртале 84 нации. Меѓу нив, ги најдовме и самураите на дел од соседите – Албанија, Бугарија и Грција.
Албанскиот самурај се вика Богдани. Хоби му е да го гледа цветањето на црешите, а негова силна страна е „правење двоглав орел“.
Грчкот самурај е наречен Ангелопулос. Хоби му е правењето јогурт, а специјална особина гледањето во кафе.
Бугарскиот самурај се вика Стоичков. Силна страна му е играњето шах, а слаба страна му е „крутата облека“. Омилено јадење – таратор.
Начинот на воинот
Самураите се традиционални воини кои имаат знајачно место во јапонската историја уште од 12 век. Иако тие повеќе не постојат, нивниот кодекс наречен „бушидо“ се уште опстојува како вредносен систем во јапонското општество.
Проектот на јапонските уметници, јавува Би-Би-Си, нема комерцијален карактер, односно не заработуваат пари од него.
„Луѓето ќе можат да ги гледаат Олимписките игри само на екран. Се недавме дека нашите дизајни ќе додадат малку забава и олеснување за сите оние на кои им е доста од ковид-19“,
вели Козо Јамада.