Министерството за правда неколку пати испрати дописи до координаторите на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија за да се изјаснат за новиот предлог-закон за амнестија. Барањата се испратени по писмен и електронски пат на 18 и 20 јули, на 24 август и на 11 и 13 септември. Со предлог-законот преку писмен допис е запознат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од нив e побарано во најкус можен рок да го разгледаат и да се изјаснат за законското решение, давајќи свои забелешки и сугестии, стои во објавата на Фејсбук на министерот Лога во прилог на која има и фотографии од испратените писмени и електронски дописи
Министерството за правда ги повика пратениците што е можно побрзо да се изјаснат за предложениот закон за амнестија, давајќи свои забелешки и сугестии. Како што информира ресорниот министер Кренар Лога, за содржината на предлог-законот е информиран и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Министерството за правда неколку пати испрати дописи до координаторите на политичките партии во Собрание на Република Северна Македонија за да се изјаснат за новиот предлог-закон за амнестија. Барањата се испратени по писмен и електронски пат на 18 и 20 јули, на 24 август и на 11 и 13 септември. Со предлог-законот преку писмен допис е запознат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од нив e побарано во најкус можен рок да го разгледаат и да се изјаснат за законското решение, давајќи свои забелешки и сугестии“,
стои во објавата на Фејсбук на министерот Лога во прилог на која има и фотографии од испратените писмени и електронски дописи.
Тој појаснува дека со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до шест месеци, и оние осудените над шест месеци, кои треба да се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
„Укажуваме дека состојбата во затворите е алармантна за што посочуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа. Ги замолуваме сите политички партии да го поддржат овој хуманитарен чин кој е од интерес за граѓаните и да го изгласаат ова законско решение“,
апелираше министерот за правда.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека ниту виделе ниту прифатиле предлог-закон за амнестија.
Пратеникот Бране Петрушевски рече дека министерот Лога само ги информирал дека се подготвува закон, но не им го испратил на увид.
„Овој закон ниту е прифатен ниту е виден од страна на ВМРО-ДПМНЕ. На таа средбата со координаторите на пратеничките групи министерот Лога само информираше дека се подготвува закон и дека ќе ни го пушти на увид. Кога ќе го видиме законот тогаш ќе го изградиме ставот по ова прашање. Не може власта, во случајов Кренар Лога да ги злоупотребува тие средби, на кои само општо нè брифира и потоа информира медиуми дека некој нешто прифатил. ВМРО-ДПМНЕ не функционира на тој принцип како власта да носи ставови за прашања за кои ги нема на увид во конкретни законски измени“,
рече вчера Петрушевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера изјави дека неговата партија, преку демократски алатки, ќе го блокира предложениот закон за амнестија што го подготвила власта.
Мицкоски рече дека ниту има ниту ќе има каква било комуникација со власта, ниту, пак, како што кажа, „има било каква точка или запирка додадена вредност во текстот на предложениот закон за амнестија“.
„Тој закон којшто е предложен, а од вчера и на јавноста достапен, е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии или дел од тие полтички партии денеска се од Владата и можете да видите дека таквиот закон не одговоара ама буквално ниту на потребите ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира“,
рече Мицкоски.
Министерството за правда го подготви предлог-законот за амнестија, кој, доколку се усвои, ќе овозможи ослободување и намалување на затворските казни за лесни кривични дела.
Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.
Целта на предлог-законот, кој се очекува да биде усвоен на наредната владина седница, како што велат од Министерството за правда, е растоварување на затворите во земјава, со оглед на алармантната состојба во која се наоѓаат и која е потенцирана во многубројни меѓународни извештаи, меѓу другото, и од Советот на Европа.
Законот за амнестија, како што информираат од Правда, не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.
Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик.