„Верувам дека од понеделник натаму сите наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција“, вели министерот за правда
Министерот за правда Кренар Лога очекува и се надева дека Љупчо Палевски-Палчо, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција во земјава.
„Но, многу е рано да се зборува за што било. Треба да видиме дали ќе ги искористи сите правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да биде на начин како што ние побаравме“,
вели Лога.

Министерот додаде дека документите кои го содржат барањето на македонските власти за екстрадиција на Палевски од Турција се испратени неколку пати – преку ДХЛ, по електронски пат, преку Министерството за надворешни работи (МНР) и преку Амбасадата.
„Верувам дека од понеделник натаму сите наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција“,
додаде Лога.
Министерството за правда на чело со Лога во четвртокот (7 декември) го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо до турските власти. Во изјава за медиумите Лога пред неколку дена кажа дека по добивањето на барањето за екстрадиција очекува да биде остварен контакт со неговиот турски колега Јилмаз Тунч.
Барањето за екстрадиција на Палевски следува по неговото апсење во Турција на 5 декември откако МВР по него распиша меѓународна потерница како осомничен за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче.