Трас станува пратеничка во 2010 година, а две години подоцна ја започнува и својата кариера во извршната власт раководејќи со неколку министерства во владите што ги раководеа конзервативците. Меѓутоа, во својата младост таа била либералдемократка и држела и говор за укинување на монархијата
Досегашната шефица на дипломатијата на Велика Британија, Лиз Трас, е новата британска премиерка, објавија од Конзервативната партија.
Таа победи во внатрепартиската битка против доскорешниот министер за финансии Риши Сунак. Според најавите, утре официјално ќе ја преземе функцијата и потоа ќе треба да почне да назначува министри во својот кабинет.
Изборот на нов лидер на конзервативците, а со тоа и нов премиер, следува откако на 7 јули годинава тој објави дека се повлекува од функциите во владата и партијата, со оглед дека повеќе од 50 владини членови поднесоа оставки, незадоволни од неговото одбивање да се повлече по неколку скандали. За наследник на Џонсон се пријавија осум кандидати, но по пет рунди на гласање помеѓу пратениците од Конзервативната партија, во трката останаа само Сунак и Трас. За победник од нив двајцата, пак, гласаа 180 000 партиски члена.
Која е Лиз Трас?
На своја седумгодишна возраст Лиз Трас ја играше улогата на Маргарет Тачер на божемските општи избори во нејзиното училиште. Но за разлика од Тачер, која освои огромно мнозинство на изборите во 1983 година, Лиз на лажните избори во школо не покажа успех.
Многу години подоцна, новата премиерка за училишните избори ќе каже: „Ја искористив шансата и одржав искрен говор, но завршил со нула гласови. Не гласав ниту за себе“.
Триесет и две години подоцна Трас ја искористи и оваа шанса и тргна по патот на Челичната Дама да стане лидер на конзервативците и премиерка.
Вака Би-би-си го почнува портретот за новата британска премиерка, која утре и официјално треба да биде назначена на функцијата од страна на кралицата Елизабета. По Маргарет Тачер и Тереза Меј, Лиз Трас ќе биде трета жена премиерка на Велика Британија.
Во елиминациските рунди на гласање помеѓу пратениците од нејзината партија, Трас во сите пет рунди заостануваше зад Риши Сунак кој во низата скандали што го следеа Џонсон си поднесе оставка од министерската функција што ја извршуваше. Меѓутоа, 47-годишната политичарка победи на гласањето меѓу членството.
За обложувачниците таа беше јасен фаворит за победа откако пет години ги градеше своите врски во локалните избори единици и му остана лојална на Џонсон и во најтемните денови од неговиот мандат како премиер.
Трас е родена во Оксфорд во 1975 година. Мажена е со сметководителот Хју О’Лири, со кого работела заедно. Парот има две ќерки тинејџерки.
Нејзиниот татко бил професор по математика, а нејзината мајка медицинска сестра. За разлика од нејзините денешни политички ставови со кои дојде лидерската позиција и на премиерската функција како конзервативка, нејзиното семејство било „левичарско“.
Нејзината мајка учествувала во маршевите во Кампањата за нуклеарно разоружување и ова движење жестоко се спротивставило на тогашната одлуката на владата на Маргарет Тачер да дозволи инсталирање на американски нуклеарни боеви глави, западно од Лондон.
И самата Трас бил дел од либералдемократите. На конференција на партијата во 1994 година држела и говор за укинување на монархијата.
„Ние, либералдемократите веруваме во можностите за сите. Не веруваме дека се родени да владеат“,
рекла Трас во говорот пред речиси 30 години.
Меѓутоа, во текот на нејзините универзитетски години на Оксфорд, каде што студирала филозофија, политика и економија, таа се приклучила на конзервативната партија.
Како кадар на конзервативците по неколку неуспешни изборни битки на пониско политичко ниво, по првпат станува пратеничка во 2010 година кога лидер на партијата е Дејвид Камерон. Но, тогаш Трас се соочи и со скандал откако беше мета на обвинувања дека имала афера со пратеникот Марк Филд неколку години претходно.
Меѓутоа, таа ги преживеа тогашните напори од противниците да ја соборат и успеа да го освои пратеничкото место со повеќе од 13 000 гласа.
Во 2012 година Трас влезе и во владата како министерка за образование, а две години подоцна беше назначена во ресорот животна средина.
По помалку од една година се случи и најголемиот политички настан за една генерација, барем во Велика Британија. Се случи референдумот за излегување од ЕУ.
Трас тогаш водеше кампања да се остане во Унијата, велејќи дека брегзит ќе биде тројна трагедија, односно ќе има повеќе правила, формалности и одложувања при продажбите од Велика Британија во ЕУ. Меѓутоа, откако нејзината страна загуби, таа се премисли и тврдеше дека брегзит ќе даде можност да се „размрда начинот на кој функционираат работите“.
Во владата на Тереза Меј таа работеше како министерка за правда, пред да премине на чело на Министерството за финансии.
Кога Борис Џонсон, пак, стана премиер таа направи трансфер преземајќи го секторот меѓународна трговија – што значеше и нејзина средба со глобалните политики.
Лани, таа се пресели во едно од најважните министерства во британската влада и стана втората жена шефица на дипломатијата во британската историја.
На оваа функција, таа се обиде да укине делови од договорот на ЕУ со Велика Британија по брегзит – потег што ЕУ жестоко го критикуваше. Кога Русија ја нападна Украина во февруари годинава, пак, таа зазеде цврст став против рускиот претседател Владимир Путин, но се соочи со критики поради поддршката што ја даде на луѓето од Велика Британија кои сакаат да се борат во Украина.
Во кампањата за наследник на Џонсон, како една од главните теми се наметна справување со трошоците за живот и кризата, за што таа вети своите напори како премиерка ќе ги насочи на „намалување на даноците, а не на делење пари“. Од друга страна, мораше да се откаже и од својот план висината на платите во јавниот сектор да се поврзат со регионалните животни трошоци бидејќи имаше низа реакции дека тоа ќе значи помали плати за милиони работници надвор од Лондон.