Јавното обвинителство против неа и уште неколку лица денеска отвори истрага по поднесена кривична пријава од Финансиската полиција за злоупотреба, измама и штета од над 400 илјади евра европски пари
Лидија Димова е разрешена од директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Ваква одлука донел Управниот одбор на Агенцијата, откако Јавното обвинителство против неа и уште неколку лица денеска отвори истрага по поднесена кривична пријава од Финансиската полиција за злоупотреба, измама и штета од над 400 илјади евра европски пари.
Покрај Димова, во случајот опфатени се и сопственикот на Друштвото за трговија и услуги „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, надворешен соработник со иницијали А.Г. и А.П., како благајник во Националната агенција.
Тројца од лицата, наведува Обвинителството во соопштението, се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело измама на штета на средствата на Европската заедница, а Димова дополнително е осомничена и за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Четвртото лице, пак, е осомничено за несовесно работење во службата.
Без конкретно да ги наведе лицата, од Обвинителството соопштија и дека за тројца се побарани мерки на претпазливост, меѓу кои и одземање на пасошите.
Работата на Националната агенција и на Димова изминатиот период е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бараше оставка, а Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли обвинувањата и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција.
- ВМРО-ДПМНЕ: Барањето оставка од Димова е театар, треба и кривична одговорност
- ВМРО-ДПМНЕ: Братот на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, добил пари за уште еден проект од агенцијата со која раководи Димова
- Димова не планира оставка, мило ѝ е што и ЕК ќе истражува дали има злоупотреби
Премиерот Зоран Заев пред една недела изјави дека ќе го поддржи предлогот за разрешување на директорката Димова, иницијатива која доаѓа од вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.