Доскорешната премиерка на Шведска, Магдалена Андерсон поднесе оставка откако нејзината влада беше поразена на општите избори. Андерсон го прифати поразот, но предупреди дека многу Швеѓани се загрижени за изборниот успех на шведските демократи
Улф Кристерсон, лидерот на третата по големина партија во Шведска, конзервативната Умерена партија, денеска официјално е назначен за мандатар за состав на новата влада.
На изборите во Шведска на 11 септември, четири партии од десниот центар освоија 176 места од вкупно 349, додека коалицијата на левиот центар во која беа вклучени и владејачките социјалдемократи освои 173 места.
Претседателот на шведскиот Парламент, Риксдаг Андреас Норлен денеска му го врачи мандатот за формирање на влада на Кристерсон, додавајќи дека не е одреден датум пред кој Кристерсон треба да предложи нова влада.
„Мојата порака е дека сè оди добро. Сакам да формирам влада која обединува, а не дели“,
изјави Кристерсон по средбата со Норлен.
Доскорешната премиерка на Шведска, Магдалена Андерсон поднесе оставка откако нејзината влада беше поразена на општите избори. Андерсон го прифати поразот, но предупреди дека многу Швеѓани се загрижени за изборниот успех на шведските демократи.
Изборите се значајна пресвртница за шведската политика бидејќи Шведските демократи некогаш се сметаа за отпадници, но сега тие освоија речиси 20 отсто од гласовите.
Тие имаат за цел да ја направат Шведска најстрога во Европската Унија во однос на имиграциската политика.
Партијата сака да ги намали економските придобивки за имигрантите и да и даде повеќе овластувања на полицијата, вклучително и зони во проблематичните области кои ќе овозможат претреси без конкретно сомневање за криминал.