Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи денеска во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите
Претседателот Стево Пендаровски синоќа во просториите на вила „Водно“ ги пречека лидерите на земјите од Западен Балкан, во пресрет на состанокот на Процесот Брдо-Бриони кој денеска ќе се одржи во Скопје.
„Добре дојде за моите колеги од регионот со кои утре очекувам да имаме конструктивна дискусија на состанокот во рамки на Процесот Брдо-Бриони“,
напиша синоќа Пендаровски во објава на Фејсбук.
На фотографиите со Пендаровски се претседателите на Словенија, Наташа Пирц Мусар, на Хрватска, Зоран Милановиќ, на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на Косово, Вјоса Османи, на Албанија, Бајрам Бегај и членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ и Денис Беќиниревиќ. На вечерата се присутни и министрите за надворешни работи Бујар Османи и за европски прашања Бојан Маричиќ.
Претходно беше најавено дека на денешниот состанок на Процесот Брдо-Бриони ќе учествуваат и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.
Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите.
Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ. Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во ЕУ, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања. Лидерите на земјите од Процесот се состануваат најмалку еднаш годишно.
На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи во хотелот „Хилтон“ во Скопје, се акредитирани 125 претставници на медиумите, 72 од нашата држава и 53 од странство.
Поради одржување на состанокот, денеска во Скопје ќе важи посебен сообраќаен режим.