Договорот за деветтиот пакет санкции за Русија мора да биде формално финализиран од дипломатите во петок, а за да биде воведен потребна е едногласна поддршка од сите 27 земји членки на блокот
Лидерите на Европската Унија го завршија својот последен самит во 2022 година со договор да обезбедат 18 милијарди евра финансирање за Украина следната година и да воведат нови санкции за Русија поради нејзината инвазија на украинскиот сосед, објави Ројтерс.
Договорот за деветтиот пакет санкции за Русија мора да биде формално финализиран од дипломатите во петок, а за да биде воведен потребна е едногласна поддршка од сите 27 земји членки на блокот.
Новиот пакет санкции, како што беше претходно објавено, предвидува на „црната листа“ да се додадат уште речиси 200 физички лица и субјекти од Русија, меѓу кои и руските вооружени сили и три руски банки.
На профилот на Твитер на чешкото претседателство со Советот на ЕУ беше објавено дека европската група од дваесет и седуммина постигнала договор.
„Амбасадорите начелно се согласија за пакетот санкции против Русија како дел од тековната поддршка на ЕУ за Украина“,
се вели во твитот објавен на 15 декември.
За време на самитот, на лидерите на ЕУ им се обрати претседателот на Украина, Володимир Зеленски кој од нив побара поголема поддршка, пред се во форма на противвоздушна одбрана и енергетска опрема.
„Следните шест месеци ќе бараат уште поголеми напори од нас“,
рече Зеленски.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат нападите на руските сили врз енергетските објекти, поради што десетици илјади луѓе останаа без струја.