Двајцата кандидати ќе се соочат еден против друг во вториот круг од гласањето на 1 јуни, при што од гласачите ќе се бара да одлучат помеѓу ветувањата на Тшасковски за реформирање на судските институции, обнова на демократските институции и восхитот на Навроцки од Доналд Трамп, силната антимиграциска реторика и ветувањата за сузбивање на, како што вели, либералните вредности

Проевропскиот центрист и градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски и историчарот Карол Навроцки, поддржани од популистичката десница, обезбедија по околу 30 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори во Полска, пишуваат светските медиуми.
Двајцата кандидати трката ќе ја продолжат во вториот круг што ќе се одржи за две недели.
„Гардијан“, повикувајќи се на излезна анкета на институтот Ипсос, објавена по завршувањето на гласањето вчера, пишува дека Тшасковски, градоначалник на Варшава и кандидат од Граѓанската коалиција на премиерот Доналд Туск, освоил 30,8 отсто од гласовите во првиот круг. Зад него е Навроцки, кој е поддржан од партијата Право и правда (ПиС), со 29,1 отсто од гласовите.
Тшасковски долго време беше фаворит за победа на изборите, но неговата предност пред Навроцки се намали во последните недели.
Официјалните резултати од првиот круг, во кој 13 кандидати се бореа за избор на претседател, се очекуваат денеска или утре.
Двајцата кандидати ќе се соочат еден против друг во вториот круг од гласањето на 1 јуни, при што од гласачите ќе се бара да одлучат помеѓу ветувањата на Тшасковски за реформирање на судските институции и обнова на демократските институции и восхитот на Навроцки од Доналд Трамп, силната антимиграциска реторика и ветувањата за сузбивање на, како што вели, либерални вредности.
Поддржувачите на Славомир Менцен, либертаријански кандидат на крајната десница, кој се најде на третото место со 15,4 отсто од гласовите во неделата, според излезните анкети, би можеле да се покажат како клучни за вториот круг. Евроскептикот кој е жестоко против абортусот и мигрантите, Менцен ги нападна еден милион украински бегалци во земјата, обвинувајќи ги дека ја искористуваат Полска.
Големиот број гласови за Менцен сугерираше дека тој имал корист од фрустрираните гласачи кои се обидуваат да ја прекинат двопартиската власт во земјата, пишува „Гардијан“.
Зборувајќи по објавувањето на резултатите, Тшасковски ги предупреди гласачите дека Навроцки е „радикален“ политичар и дека ќе предизвика уште поголемо нарушување во силно поларизираната политика на земјата.
„Ви благодарам за денес, за секој глас! Ова е добра почетна точка. И сега одиме целосна мобилизација! Одиме на победа. Цела Полска ќе победи!“,
вели Тшасковски на Фејсбук.
Во меѓувреме, Навроцки упати директен апел до третопласираниот Менцен, повикувајќи го него и неговите гласачи да му помогнат да „ја спаси Полска“ и „да го запре маршот на Доналд Туск кон монократија“.
„Јас сум еден од вас и ќе бидам вашиот глас во претседателската палата, ветувам. Мора да победиме на изборите на 1 јуни. Време е да се спаси Полска, за да биде суверена, силна, богата и безбедна. До победата!“,
напиша Навроцки на неговиот фејсбук-профил.