„Загрижува фактот што составот на Комисијата не се дистанцира од Димитровска ниту побара оставка, со што и самите станаа дел од проблемот. Оваа институција, наместо чувар на јавниот интерес, стана парализирана алатка на владејачките партии, неспособна и незаинтересирана да се справи со корупцијата“, велат од опозициската партија
Оставката што претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, денеска ја поднесе и ја депонира Собранието, според опозициската Левица, не претставува чин на морална одговорност, туку е директна последица од засилениот јавен, медиумски и политички притисок.

Ова, како што велат од партијата, особено се покажало откако тие поднесоа иницијатива за разрешување на Димитриевска во парламентот.
„Димитровска, која претходно експлицитно одбиваше да си поднесе оставка, очигледно заминува во обид да се избегне отворена политичка конфронтација и срамно гласање по иницијативата на Левица. Дека оваа оставка е договорена, а не доброволна, јасно говори молкот на ДПМНЕ и владата предводена од Мицкоски, како и на СДС, кои во ниту еден момент не побараа одговорност и не упатија никаква критика за работата на ДКСК, дури ни откако против Димитровска се покренаа две обвиненија“,
се вели во објавата на Левица.
Од опозициската партија, која има шест пратеници во парламентот, велат дека со случајот на Димитровска целосно е компромитиран кредибилитетот на целата Антикорупциска комисија бидејќи досега никој од нејзините членови не се дистанцирал од претседателката.
„Загрижува фактот што составот на Комисијата не се дистанцира од Димитровска ниту побара оставка, со што и самите станаа дел од проблемот. Оваа институција, наместо чувар на јавниот интерес, стана парализирана алатка на владејачките партии, неспособна и незаинтересирана да се справи со корупцијата“,
велат од партијата.

Оттука од Левица велат дека бараат колективна оставка на целиот состав на Антикорупциска, кој, како што велат, од почетокот на својот мандат (лани во февруари), не отвори ниту еден сериозен случај против функционери на власта.
Како пример, од партијата, меѓу другото, го посочуваат и случајот со ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, за кој Комисијата се прогласи за ненадлежна.
„И покрај секојдневните коруптивни скандали, туку активно учествуваше во релативизирањето на криминалот и негова заштита. Најилустративен е примерот со поставувањето на Бојан Христовски на чело на АНБ, каде ДКСК не утврди никакви неправилности и одлуката да се препушти на претседателката Сиљановска-Давкова да одлучува по претставката против директорката на Агенцијата за разузнавање – кадар што таа лично го именуваше, што е институционално апсурдно и целосно недозволиво“,
велат од Левица, од каде што порачуваат дека Државната комисија за спречување на корупцијата мора да се реформира од корен.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, претпладнево поднесе оставка од функцијата и ја депонира до Собранието.
Оставката следува откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред точно една недела поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“ кое се однесува на две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Што се однесува до повикот на Левица за колективна оставка на членовите на ДКСК, заменик-претседателката на Комисијата, Билјана Каракашова-Шулев, во интервју за „Призма“, во април годинава, кратко по отворањето на истрагата против Димитровска, рече дека не се чувствуваат повикани да поднесат оставки за постапки што се водат за индивидуална одговорност.