Претходно денеска присуството го потврди првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Политичката партија Левица нема да присуствува на лидерската средба в понеделник која ја свика премиерот Димитар Ковачевски. Ставот на партијата го објави претседателот Димитар Апасиев.

„Со нас не можат да се договорат како со вмровците. Ние сме тврд орев“,
вели Апасиев.
Претходно денеска присуството го потврди првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Потенцирајќи ја актуелноста на прашањето за лидерската средба и „дали ВМРО-ДПМНЕ ќе оди и што ќе прави“, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и потврди дека ги присустува на таква среба затоа што, како што исткна, имаат ставови и оти се подготвени да ги бранат насекаде во светот.

„Прво да кажам дека намерите на власта за лидерската средба се јасни. Тие очекуваат јас да одбијам присуство на таква средба затоа што ќе се разговарало за европски интеграции. Веднаш по ваквиот чин ќе следи напад дека ВМРО-ДПМНЕ било антиевропско и дека ВМРО-ДПМНЕ е изолирано затоа што сите партии со албански предзнак ќе присуствуваат на средбата. Се гледа од месечината што им е целта. А, доколку ВМРО-ДПМНЕ присуствува, тогаш оние нивни инсталации мегафони нели на власта веднаш ќе раскажат `аха значи Мицкоски е подготвен за уставните измени`. И знам дека изгледа детски, но тоа е нештото што Ковачевски го нарекува план, а што и друго да се очекува. Бидејќи ова им се дилемите, да им ги расчистам. ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и да, еве објавувам, дека ќе присуствувам на таква средба затоа што имаме ставови и сме подготвени да ги браниме насекаде во светот. Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно, не преку соопштенија или штури брифинзи преку какви владата ја најавува оваа средба, дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност, се предвремени парламентарни избори“,
рече Мицкоски во својот говор по повод отворањето на настанот со наслов „Саем на промените кои носат иднина“, што го организира партијата, на кој ВМРО-ДПМНЕ ќе прави резиме и отчет за сработеното од страна на нивните градоначалници во изминатата година откако победија на локалните избори лани.
Во однос на уставните измени, Мицкоски потенцираше дека тоа прашање е затворена тема и го повтори веќе изнесениот став дека уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија.
Премиерот Ковачевски пред три дена (1 ноември) најави дека ќе испрати покани за лидерска. Целта, соопштија тогаш од Владата, е да се разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.
Дека ќе присуствуваат на лидерската средба вчера потврдија и од Алијанса за Албанците.