Иако е јасно дека се работи за скандалозно пречекорување на овластувањата, каде се подриваат македонските институции за да се заштити функционер од друга држава – три дена нема никаква најава за одговорност од страна на власта, освен неколку паушални и дипломатски соопштенија. Скандалозно е што МВР објави само соопштение и уште нема одговорност за обезбедувањето на Африм Гаши, кој веднаш мораше да биде санкциониран, сметаат во Левица
Пратеничката група на Левица најавува дека ќе бара разрешување на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тие сметаат дека по скандалот со молитвата во парламентот и инцидентот на скопскиот аеродром, тој веќе нема интегритет да ја врши функцијата претседател на Собранието и поради тоа против него ќе поднесат интерпелација.
„Инцидентот што се случи со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на Меѓународниот аеродром Скопје го отсликува системското непочитување на институциите и законите, првично од страна на самиот спикер Африм Гаши, кој нема никаква надлежност да реагира во конкретниот случај. Реакцијата на неговото обезбедување, надвор од своите овластувања, де факто го попречило нормалното функционирање на безбедносните процедури. Иако е јасно дека се работи за скандалозно пречекорување на овластувањата, каде се подриваат македонските институции за да се заштити функционер од друга држава – три дена нема никаква најава за одговорност од страна на власта, освен неколку паушални и дипломатски соопштенија. Скандалозно е што МВР објави само соопштение и уште нема одговорност за обезбедувањето на Африм Гаши, кој веднаш мораше да биде санкциониран“,
велат од Левица.
Тие тврдат дека инцидентот на скопскиот аеродром не е прва ваква непријатна случка во која учествувала косовската претседателка Османи.
„Ваков инцидент Османи предизвикала и со авиокомпаниите ‘Туркиш ерлајнс’ и ‘Аустријан ерлајнс’, при што компаниите не дозволиле авионите да полетаат сѐ додека не се испочитуваат меѓународните воздухопловни стандарди за цивилен соообраќај (и покрај инсистирањето на нејзиното обезбедување). Виенската конвенција за дипломатски односи е децидна дека ослободени од безбедносен преглед се само официјалните гости на македонската влада, при што операторот на аеродромот добива официјално известување за таквото изземање од Министерството за внатрешни работи. Со тоа што Османи целосно ги заобиколила МВР и МНР и го повикала спикерот Гаши, се потврди дека дел од оваа влада е директно контролирана од Курти“,
сметаат од Левица.
Тие очекуваат на најавената средба Мицкоски – Курти, премиерот на македонската влада да застане во одбрана на македонските институции и јасно да го осуди скандалозното однесување на претседателката на Косово.