Меџити вели дека пациентките во моментов се на Клиниката за детски болести и нивната состојба е стабилна
Уште две пациентки со цистична фиброза го примија лекот „трикафта“. Оваа вест денеска ја објави министерот за здравство Фатмир Меџити на својот официјален фејсбук-профил.
„Во петокот две пациентки со цистична фиброза го примија лекот ‘трикафта’. Тие во моментов се на Клиниката за детски болести и нивната состојба е стабилна“,
се вели во објавата.
Меџити додава дека во текот на утрешниот ден уште двајца пациенти ќе примат „трикафта“, а неговите најави се дека во следниот период, повеќе пациенти етапно ќе се вклучуваат на терапијата.
„Во новата година, пациентите со цистична фиброза добиваат подобар квалитет на живот“,
додава Меџити.
Министерот Меџити, во втората половина на декември минатата година, соопшти дека лекот „трикафта“, кој им е потребен на пациентите со цистична фиброза е обезбеден за наредните неколку месеци, а оти дополнителна се обезбедени средства за набавка на лекот во 2024 и 2025 година.
Бирократските препреки, како што рече министерот, не смеат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните.
Медицинската директорка на Детската клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, која беше на тогашната прес-конференција со Меџити рече дека покрај дванаесетте пациенти што веќе ја примаат терапијата, на секои десет дена лекот „трикафта“ ќе до добиваат по уште седум нови пациенти од вкупно 55 кои се на листата на чекање.
Нацева-Фуштиќ додаде дека возрасната граница за почеток на терапијата е 12 години, но дозволени се исклучоци доколку се утврди потреба од лекот и кај помлади од 12 години.