Медицинската директорка на Детската клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, рече дека покрај дванаесетте пациенти што веќе ја примаат терапијата, на секои десет дена лекот „трикафта“ ќе до добиваат по уште седум нови пациенти од вкупно 55 кои се на листата на чекање
Денеска е голем ден. Вака министерот за здравство Фатмир Меџити ја започна денешната прес-конференција во Владата, соопштувајќи дека лекот „трикафта“, кој им е потребен на пациентите со цистична фиброза е обезбеден за наредните неколку месеци, а оти дополнителнo се обезбедени средства за набавка на лекот во 2024 и 2025 година.

„Лекот ‘трикафта’ е веќе на Универзитетската клиника за детски болести. Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот, за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија“,
информира Меџити на денешната прес-конференција.
Бирократските препреки, рече министерот, не смеат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните.
На денешната прес-конференција во Владата се обрати и медицинската директорка на Детската клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, која рече дека покрај дванаесетте пациенти што веќе ја примаат терапијата, на секои десет дена лекот „трикафта“ ќе до добиваат по уште седум нови пациенти од вкупно 55 кои се на листата на чекање.

Првите седуммина, како што рече, може да почнат да ја примаат терапијата уште од понеделник.
„Значи, за сите тие пациенти ќе биде обезбедена терапија во текот на 2024 година. Оваа количина која сега ја имаме ќе биде доволна за наредните 2 до 3 месеци додека Здравство не ја обезбеди понатаму терапијата“,
рече директорката на Детската клиника.
Нацева-Фуштиќ додава дека возрасната граница за почеток на терапијата е 12 години, но дозволени се исклучоци доколку се утврди потреба од лекот и кај помлади од 12 години.
Од говорницата во владиниот прес-центар се обрати и претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза Фики Гаспар. Оцени дека ова е голем ден за пациентите со оваа дијагноза и изрази благодарност и надеж дека ваквите чекори од Владата ќе продолжат и во иднина.

„Ова е денот за кој мечтаевме сите овие месеци и години откако слушнавме дека постои лек за оваа болест кој е спас за нас пациентите. Можам да кажам дека за реалативно краток период во текот на оваа година покрај сите настани, покрај сите залагања од страна и на пациентите и на институциите, може да кажеме дека за 2024 и 2025 година ќе се обезбеди терапија за сите пациенти над 12 години на кои им е потребен овој лек“,
рече Гаспар.
Со обезбедената терапија, додаде тој, голем број родители и пациенти ќе бидат мирни и не треба да стравуваат за животот на нивните деца.