Лекарската комора најостро го осуди вчерашниот инцидент во Градската општа болница „8 Септември“, кога роднини на почината пациентка со ковид-19 се закануваа кон докторка барајќи сами да го подигнат телото и да го однесат на обдукција.
Комората во соопштението посочуваат дека имаат разбирање за здравствените проблеми на пациентите и со нивните блиски, но осудуваат какво било насилство врз медицински персонал кој секојдневно се бори за здравјето на пациентите.
„Пациентите треба да имаат предвид дека здравствениот персонал безрезервно и максимално се вложува за нивното здравје, за сметка на своите семејства. Затоа сметаме дека тие заслужуваат само поддршка, а не закани. Лекарската комора апелира секој во рамки на своите ингеренции да се вклучи во заштита од насилство врз здравствените работници и соработници. Заложбата на Лекарската комора е за јасно и транспарентно дејствување во кое нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува од сите инволвирани“,
пишува во реакцијата на Лекарската комора.
Со осуда доцна синоќа се јави и министерот за здравство Венко Филипче.
По инцидентот, шест лица беа приведени во полициската станица во Гази Баба, а еден член на семејството, кој бил дел од групата заканувачи, бил позитивен на ковид-19.
*Поврзани вести:
Шестмина приведени по инцидентот во „8 Септември“, еден од нив е позитивен на ковид-19
Филипче: Нападот на докторката е дискредитација на здравствените работници