„Судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која требало да биде непристрасна и без партиски влијанија, не само што во нејзината кариера била пристрасна и работела по налог на СДС, туку во нејзиниот дом го сместила и општинскиот штаб на СДС во Ранковце“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ објави дека во куќа што е во сопственост на таткото на судијката Даниела Алексовска-Стојановска која, како што велат од партијата, го спасила возачот убиец од затвор за дрога, е сместен штаб на опозицискиот СДСМ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, објави и фотографии за кои тврди дека се од партискиот штаб во куќата што се наоѓа во селото Ранковце.
„Судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која требало да биде непристрасна и без партиски влијанија, не само што во нејзината кариера била пристрасна и работела по налог на СДС, туку во нејзиниот дом го сместила и општинскиот штаб на СДС во Ранковце. Близината на судијката Даниела Алексовска Стојановска со СДС се гледа не само по нејзините пресуди против ВМРО-ДПМНЕ, туку и по тоа што на истите им отстапила простор за партиски штаб“,
рече Лефков.
Според Лефков, очигледна е симпатијата на судијката Алексовска-Стојановска кон СДСМ бидејќи, како што рече, како судија се дрзнала да отстапи простор за партиски штаб во нејзиниот дом.
„Ова се судиите на СДС, заради кои се потребни итни реформи во судството. Одговорност за слепите послушници на СДС во правосудството кои зацрнија цели семејства мора да има“,
додаде тој.
Инаку, во средата (29 јануари) се случи тешка сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Во неа удри 20-годишен возач за кој подоцна беше објавено дека нема возачка дозвола, а има историја на кривични дела.
Ова предизвика гнев кај граѓаните кои се собраа на протести на местото на несреќата и во родниот град на Кулакова, Неготино. Побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.