Во фејсбук-објавата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, објави и фотографија од церемонијата на која беа означени градежните активности на Коридорот 8. На фотографијата е Груби во моментот кога ја соблекува маичката со бројот 8, која подоцна заврши во редакцијата на „360 степени“, а осмицата со фотомонтажа е заменета со лисици
Артан Груби многу добро знае дека со Христијан Мицкоски нема да му поминуваат криминалите, знае дека ќе одговара и знае дека нема да избега од правдата – и тој и Ковачевски го напаѓаат Мицкоски затоа што знаат оти тој не би имал пардон за криминалот.
Вака пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, во објава на Фејсбук го прокоментира излагањето на првиот вицепремиер Артан Груби од денешното означување на почетокот на градежните активности на коридорот 10-д. На церемонијата првиот вицепремиер рече „ниту Мицкоски ниту свети Мицко може да го запре овој проект“.
Во фејсбук-објавата, Лефков објави и фотографија од церемонијата на која беа означени градежните активности на коридорот 8. На фотографијата е Груби во моментот кога ја соблекува маичката со бројот 8, која подоцна заврши во редакцијата на „360 степени“, а осмицата со фотомонтажа е заменета со лисици.
„Ниту Груби ниту Димитар Ковачевски нема да се спасат од одговорност за криминалот кој со години го прават, под превезот на ЕУ-интеграцијата, која ја злоупотребуваат за богатење и крадење и ја крадат иднината на граѓаните. Груби, ќе одговарате и ти и Ковачевски, тоа да го знаете“,
пишува Лефков во објавата на Фејсбук.
Со мавтање зелено знаме и со откривање табла на која пишува: „Поставување камен-темелник на проектот Коридор 10-д“ денеска почна изградбата на автопатот Прилеп-Битола, долг 39,3 километри.
Почетокот на изградбата го означи премиерот Димитар Ковачевски, кој облечен во зелен флуоресцентен елек, мавтајќи со зелено знаме, даде знак за старт и беше поздравен со аплауз од другите владини функционери кои беа присутни на денешната церемонија.
Во меѓувреме, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение му порача на премиерот да се подготви да одговори пред институциите, кога тие ќе се ослободат, за, како што велат од партијата, сите криминали кои ги направила оваа влада и за патиштата кои нема да ги направи.
„Ковачевски ќе одговара заедно со неговиот шеф Груби, затоа што потпишаа договор кој ја става Македонија во должничко ропство. Ковачевски потпиша договор со кој се обврза на пенали, на аванси и трошоци од над 300 милиони евра, на уште непочната изградба. Ковачевски го злоупотребува европското знаменце за легализација на својот криминал и ја загрозува нашата евроинтеграција. Додека декларативно се залага за ЕУ, во заднина прави криминал, ја загрозува нашата ЕУ-интеграција и влијае негативно на угледот на Унијата“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.