„Дали е чист како солза или матен нека си докаже пред суд, ако има храброст да се соочи со доказите. Осум милиони евра е криминалот во АД ‘Државна лотарија’ во кој главни актери се Артан Груби како вицепремиер и Пeрпарим Бајрами како директор на Лотарија“, изјави денеска на прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Артан Груби да не бега, да се врати во Македонија и да се соочи до доказите, гласи повикот што владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го упати до поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ, кој од вчера се најде меѓу осомничените во случајот Лотарија.
Пред една недела Груби заедно со судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, се најдоа на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција, односно дека примиле мито за да застари предметот „Таргет-Тврдина“ за обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков.
Предметот што за овој случај го оформи републичкиот јавен обвинител, а по кој постапува Основното јавно обвинителство Скопје, е во почетна фаза, но во напредна фаза на истрага е случајот Лотарија во кој, покрај Груби, осомничени се и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште четири лица.
Груби е недостапен за органите на прогонот откако викендов, според премиерот Христијан Мицкоски, ја поминал границата со дипломатско возило и заминал за Косово.
Алудирајќи на изјавата дека е чист како солза, која поранешниот прв вицепремиер ја пренесе преку Фејсбук најавувајќи дека се повлекува од јавниот живот по ставањето на „црната листа“ на САД, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на прес-конференција рече дека тоа Груби треба да го докаже пред суд во земјава.
„Чистиот како солза Груби, кој првин се најде на црната листа на САД, а потоа и во центарот на кривична постапка за милионски криминал во Лотарија ја напуштил државата пред отпочнување на кривичната постапка против него. Дали е чист како солза или матен нека си докаже пред суд, ако има храброст да се соочи со доказите. Осум милиони евра е криминалот во АД Лотарија на Македонија во кој главни актери се Артан Груби како вицепремиер и Пeрпарим Бајрами како директор на Лотарија“,
рече Лефков.
И Груби и Бајрами, додава тој, се кадар на ДУИ, партија која додека ја крадела државата по потреба еднаш се профилирале како зелена партија, потоа како европејци, „па сееја раздор за етнички тензии“.
„Во принцип само менуваа маски за да крадат. Пукна како меур од сапуница наративот на ДУИ дека се борат за зелени агенди или за ЕУ. Тие се бореле и се борат за да прават криминал и да ги ограбуваат граѓаните, а соучесници во тој криминал им беа СДС. Одговорност за милионскиот криминал кој го направил Груби, ДУИ и СДС мора да има“,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во домовите на Груби и на Бајрами полициски екипи вршеа претреси, но двајцата осомничени не беа пронајдени таму.
Двајцата се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра.
Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата и побара од Кривичниот суд во Скопје да им одреди притвор.
Од Судот денеска претпладне соопштија дека сè уште се во фаза на постапување во врска со предлогот за одредување притвор за Груби и Бајрами и дека за одлуката ќе се произнесат во текот на денот.
Бидејќи ниту Груби ниту Бајрами во моментов не се достапни за органите на прогонот во земјава, доколку Судот им одреди притвор, тој ќе се спроведува од нивното пронаоѓање.