Посетата на Ахмети на Косово доаѓа откако викендов од земјава таму замина поранешниот прв вицепремиер, ексминистер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби. Во објава на својот фејсбук-профил од пред еден ден, Груби напиша дека бил во приватна посета на Косово и дека не е избеган од државата откако такви неофицијални информации почнаа да кружат на социјалните мрежи во неделата вечерта
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска е во посета на Приштина.

За време на посетата на Косово, како што јавува косовски „Економија онлајн“, на Ахмети ќе му биде врачен клучот на градот од страна на градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама.
Утринава дел од медиумите во земјава пренесоа фејсбук-статус на извесен Исмет Сулејмани, наводно косовски бизнисмен, кој објави фотографија од средба со Али Ахмети во Приштина. Фотографирани се во кафуле.
Под фотографијата, објавена на фејсбук-профилот на Исмет Сулејмани, пишува:
„Историско кафе со Али Ахмети во Приштина
Утринско кафе во Приштина со лидерот на народот, татковината и албанската нација, мојот пријател Али Ахмети и генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети.
Исмет Сулејмани,
Приштина, 17 декември 2024 година!“
Посетата на Ахмети на Косово доаѓа откако викендов од земјава таму замина поранешниот прв вицепремиер, ексминистер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби. Во објава на својот фејсбук-профил од пред еден ден, Груби напиша дека бил во приватна посета на Косово и дека не е избеган од државата откако такви неофицијални информации почнаа да кружат на социјалните мрежи во неделата вечерта.
Полициски екипи вчера вршеа претрес во домовите на Груби и на поранешниот директор на Државната лотарија на РСМ, Прпарим Бајрами. И двајцата не беа пронајдени во своите домови.
Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра.
Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата. ОЈО Скопје побара Кривичниот суд на двајцата да им одреди мерка притвор.
- Скопското обвинителство поведе истрага против шест лица за проневера на над 8 милиони евра во „Државна лотарија“
- Обвинителството предложи мерки за обезбедување на двајца осомничени за проневера во „Државна лотарија“
Во меѓувреме, скопскиот кривичен суд утринава соопшти дека сè уште е во фаза на постапување во врска со предлогот на Обвинителството за определување мерка притвор за Артан Груби и Прпарим Бајрами и дека во врска со ова прашање ќе се произнесе повторно во текот на денот.
Ниту Груби ниту Бајрами во моментов не се достапни за органите на прогонот во земјава, а доколку Судот им одреди притвор, тој ќе се спроведува од нивното пронаоѓање.
