Законска обврска за техничката влада е да организира фер и демократски избори, потсетуваат од ЛДП
Неодговорно e да се предложат министри, да се прави кворум, а потоа да не се гласа за сопствените министри, реагира Либерално-демократската партија откако ВМРО-ДПМНЕ денеска не го поддржа ниту дневниот ред на собраниската седница со единствена точка – избор на влада.
„Законска обврска за техничката влада е да организира фер и демократски избори, а Либерално-демократската партија останува на европскиот пат ставајќи го интересот на граѓаните и на државата на прво место заедно со пратениците од мнозинството. Како партија нема да дозволиме деструктивните сценарија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да успеат само затоа што нивниот најголем проблем е изборот на Талат Џафери кој беше министер и носител на висока функција во периодот на нивната влада во минатото“,
велат од ЛДП.
Со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието денеска ја изгласа техничката влада, по речиси двочасовна пленарна дискусија. За избор на Владата потребно беше просто мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за техничката влада но, двајцата министри назначени на нивен предлог, дадоа свечена заклетва. За опозициската партија е спорно што Талат Џафери е на чело на преодната влада. Тие обвинија дека ДУИ нема доволно пратеници, ниту број на гласови, за да се избере премиер од нивните редови.