Од МВР информираа дека се завршени проверките и во Управниот суд, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, хотелот „Александар Палас“, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, како и во деветте училишта во Скопје и е утврдено дека станува збор за лажни пријави

Екипите на Министерството за внатрешни работи завршиле со проверките во уште дел од објектите за кои утрово пристигнаа закани дека во нив се поставени експлозивни направи и утврдиле дека станува збор за лажни пријави.
Како што информираат од МВР, завршени се проверките и во Управниот суд, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, хотелот „Александар Палас“, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, како и во деветте училишта во Скопје.
„По добиените пријави, од полициски службеници се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
информираат од МВР.
Оттаму велат дека тимовите за антитероризам продолжуваат со проверките во преостанатите објекти.
„Министерството за внатрешни работи продолжува со проверките во преостанатите објекти за кои беше добиена пријава и по завршувањето на проверките соодветно ќе ја информираме јавноста“,
велат од Министерството.
Еден од објектите што сè уште се проверуваат од тимовите за антитероризам е и претседателската резиденција – вила „Водно“.
Претходно од МВР информираа дека лажни биле дојавите и во Градскиот трговски центар (ГТЦ), трговскиот центар „Ист гејт мол“, хотелот „Мериот“, Музејот на Град Скопје, Спомен-куќата „Мајка Тереза“, Транспортниот центар (Железничка и автобуска станица), Трговскиот центар „Бисер“ и „Џевахир холдинг“.
Утринава до електронските адреси на неколку медиуми, меѓу кои и „360 степени“, беа испратени пораки во кои заканувачите за дојави на бомби ги информираат дел од медиумите каде се поставени експлозивните направи.