Лажни профили на социјалната мрежа Инстаграм се претставуваат како официјални на Министерството за внатрешни работи. На тие профили се споделуваат фотографии од македонската полиција, но и ги насочуваат следбениците кон официјалната веб-страница на МВР.
Од МВР пак велат дека на оваа социјална мрежа немаат свој официјален профил, а во последниот период лоцирале неколку лажни профили кои се претставуваат како македонската полиција.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека нема профил на социјалната мрежа Инстаграм. Во последниот период креирани се неколку лажни профили, кои го злоупотребуваат називот на институцијата и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки за законско санкционирање на креаторите на овие профили“,
соопштуваат од МВР.
Министерството за внатрешни работи има своја веб-страница, а профили има само на социјалната мрежа Фејсбук и Јутјуб, и тоа е јасно потенцирано на веб-страната.