Д-р Гордана Лажетиќ, професорка по кривично-процесно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во дебата во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат зборуваше за скандалозното „начелно правно мислење“ утврдено од Врховниот суд, со кое се што СЈО преземало и презема по 30 јуни 2017 г. е прогласено за незаконско.
– Врховниот суд ја презел надлежноста на Законодавно-правната комисија во Собранието, или обратно, комисијата доби опасен конкурент за уривање на правниот систем. Она што е објавено на веб-страната на Врховниот суд и она што е донесено, под назив „Начелно правно мислење“ воопшто не е тоа. Насловот и содржината се разликуваат. Тие имаат право и обврска по закон и устав да носат начелни правни мислења и да усогласуваат судска пракса. Ова што е објавено е срам за Врховниот суд затоа што ова воопшто не е нешто што води во функција на воедначување на судска практика – рече Лажетиќ.
Таа рече дека во иницијативите на адвокатите нема ниту еден аргумент дека има невоедначена пракса и во кој предмет точно е така.
– Кога имате проблем со толкување на закон, ќе се обратите во Собранието. Адвокатите многу добро го знаат тоа. Меѓутоа има лукративни причини зошто се обратиле до Врховниот суд – рече Лажетиќ.
Таа ја коментираше и бројката на судии кои гласале, 17 спрема 2.
– Тоа е страшно. Не станувате судија со тоа што ќе ве избере Судски совет. Судијата треба да има интегритет и да знае дека тоа што гласа произведува определени правни последици. Јас не сум изненадена од постапките на Врховниот суд. Ние имавме и претходно постапки таргетирани кон СЈО. Голем срам за Врховниот суд е ова што се случува, особено ако земеме предвид, тоа што имаше барање од СЈО да се иземе претседателот на Врховниот суд затоа што беше споменат во бомбите. Кумството е едно, колегијалноста е друго, адвокатската колегијалност е трето, но ова што се случи е нешто што мислам дека не смееше да се случи и ќе го користиме како анти-практикум, како не треба да изгледа – рече Лажетиќ.
Напишете коментар