Минатата година количеството создаден комунален отпад по жител изнесувало 438 килограми, што споредено со 2023 година е за 12,9 проценти помалку

Минатата година било собрано 2,5 проценти повеќе комунален отпад во споредба со 2023 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Вкупното количество собран комунален отпад во државава во 2024 година изнесува 637 471 тон. Зголемувањето, како што објави Државниот завод за статистика, се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад.
Според податоците од ДЗС, најголемо количество собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 180 729 тони или 28,4 проценти од вкупното собрано количество. По Скопскиот Регион, на листата е Источниот со собрани 105 723 тони отпад. Најмалку отпад, пак, е собран од Североисточниот Регион и тоа 37 073 тони.
Од вкупното количество собран комунален отпад, 535 606 тони или 84 проценти се собрани од домаќинствата, а престанатите 16 проценти се од правни и физички лица. Според видовите отпад, во извештајот на ДЗС се вели дека најголемо количество собран отпад е измешаниот комунален отпад – 546 866 тони или 85,8 проценти, а најмало количество има отпадот од гума – 1 136 тони или 0,2 проценти од вкупното количество собран комунален отпад.
Вкупното количество создаден комунален отпад во 2024 година изнесува 790 866 тони.
Минатата година количество создаден комунален отпад по жител изнесувало 438 килограми, што споредено со 2023 година е за 12,9 проценти помалку.
Најголемото количество собран комунален отпад, 99,8 проценти, се исфрла на депонија.