Средбата на Лајчак, кој вчера пристигна во ненајавена посета на Приштина, со вицепремиерот и главен преговарач на Косово, Бесник Бислими, се одржа без присуство на медиумите, немаше ниту обраќање пред јавноста по нејзиното завршување. По состанокот со соопштение се огласи службата за односи со јавноста на косовската влада, која наведе дека словачкиот дипломат и косовскиот главен преговарач во дијалогот со Србија разговарале за аспектите поврзани со целосната имплементација на бриселскиот основен договор и анексот за имплементација договорен во Охрид
Посредникот на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, вели дека со вицепремиерот и главен преговарач на Косово, Бесник Бислими, постигнал договор за следните чекори во дијалогот меѓу двете држави. Ова Лајчак го објави на својата страница на платформата „Икс“ по средбата со Бислими.
„Се сретнав со првиот вицепремиер Бесник Бислими, за да го информирам за последната средба со европските лидери во Брисел и за потребата од целосна имплементација на Договорот за патот за нормализација, без одложувања и предуслови. Исто така, се договоривме и за следните чекори“,
напиша Лајчак.
I just met with First Deputy Prime Minister @BislimiBesnik to follow up on the recent meeting with European leaders in Brussels and the need for full implementation of the Agreement on the Path to Normalisation without delay or preconditions. We also agreed on next steps. pic.twitter.com/Jc151JUvRS
— Miroslav Lajčák (@MiroslavLajcak) November 6, 2023
Денеска, Лајчак треба да се сретне со претставници на опозицијата, односно со лидерите на ПДК, ЛДК и ААК, пренесува косовскиот медиум „Коссев“.
Лајчак вчера доцна попладне допатува во ненајавена посета на Косово, каде што се сретна со Бислими.
Средбата се одржа без присуство на медиумите, а немаше ни обраќање пред јавноста по нејзиното завршување, јави дописникот на МИА од Приштина.
По состанокот со соопштение се огласи службата за односи со јавноста на косовската влада, која наведе дека словачкиот дипломат и косовскиот главен преговарач во дијалогот со Србија разговарале за аспектите поврзани со целосната имплементација на бриселскиот основен договор и анексот за имплементација договорен во Охрид.
„Првиот вицепремиер за европски интеграции, развој и дијалог на Република Косово, Бесник Бислими, имаше работна вечера со специјалниот претставник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак. На оваа средба се разговараше за сите аспекти кои се однесуваат на целосната имплементација на бриселскиот основен договор и Охридскиот анекс за негово спроведување. Република Косово е посветена на целосна нормализација на односите со Србија и меѓусебно признавање“,
се вели во соопштението на владата во Приштина.
За потсетување кон крајот на минатиот месец косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ имаа одвоени средби со европските и американските посредници во дијалогот меѓу Белград и Приштина – Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, како и со францускиот претседатеч Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија
Пред овие средби „големата петорка“ на Белград и на Приштина им престави нов, како што наведоа, модерен и избалансиран европски предлог за статутот на Заедницата на српски општини.
По средбите во Брисел, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел соопшти дека Вучиќ и Курти не биле подготвени да се договорат околу новиот европски предлог за Заедницата на општини со српско мнозинство без взаемни условувања.
Од друга страна, во своите изјави, премиерот на Косово и претседателот на Србија останаа на слични позиции како и претходните месеци.
Србија сака да ги спроведе сите договори, вклучително и основниот договор од февруари годинава, како и Охридскиот договор, со два услова – да нема де факто или де јуре признавање на Косово и членство на земјата во Обединетите нации (ОН), рече Вучиќ.
Косовоскиот премиер, пак уште еднаш побара потпишување на основниот договор и анексот од Охрид, обвинувајќи го српскиот претседател дека одбил договорите да се спроведат во целост, веднаш и без услови.
Од друга страна, францускиот претседател, германската канцеларка и италијанскиот премиер во заедничка изјава по средбата повикаа Косово да покрене процедура за формирање на заедница на општини со српско мнозинство на Косово, а Србија да испорача де факто признавање.
Со идентични изјави на крајот на октомври излезе и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Белград и Приштина.