„Во суштина, Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши и сватовите. Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот што го обвинува Тошковски, раководителот на смена на ‘Блаце’, туку Рамука, кој токму Тошковски го поставил за началник на Центарот за гранични работи ‘Север’. Прашуваме, зошто Тошковски сака да го заштити Наим Рамука и го мести раководителот на смена?“, изјави Кузеска
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ во врска со скандалот со свадбената поворка на спикерот Африм Гаши на граничниот премин „Блаце“ сакаат одговорноста да му ја префрлат на раководителот на смена, иако наредбата автомобилите да поминат без проверка и евиденција во системот ја издал началникот на Центарот за гранични работи „Север“, Наим Рамука. Ова денеска на прес-конференција, повикувајќи се на информации од свиркачи, го објави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„Под притисок на СДСМ, Панче Тошковски ги потврди сите објавени информации за скандалот со свадбената поворка на Африм Гаши и пропустите на граничниот премин ‘Блаце’. Вчера СДСМ им даде рок од 24 часа на Тошковски и МВР да бидат чесни и да објават како дошло до овој скандал и кој е вистински одговорен за тоа. Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако се фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие се обидуваат одговорност да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце. Овој човек не е тој кој дал наредба да бидат пропуштени Гаши и сватовите без контрола. Затоа, СДСМ денес ќе ги објави сите податоци од свиркачите и ќе се дознае дека ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски лажат и се обидуваат да го скријат вистинскиот виновник и извршител во скандалот. Според нашите информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи ‘Север’, Наим Рамука“,
изјави Кузеска.
Согласно информациите што ги добиле, Кузеска посочи дека еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука, заради наводна контрола, дошол на граничниот премин.
„Во суштина, Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши и сватовите. Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот што го обвинува Тошковски, раководителот на смена на ‘Блаце’, туку Рамука кој токму Тошковски го поставил за началник на Центарот за гранични работи ‘Север’. Прашуваме, зошто Тошковски сака да го заштити Наим Рамука и го мести раководителот на смена? Дали Тошковски повторно ќе се обиде да излаже и да го заштити својот нов началник на сметка на чесни луѓе кои си ја работат работата? До кога ќе траат лагите на МВР и ВМРО-ДПМНЕ? Ќе си поднесе ли конечно Тошковски оставка?“,
праша портпаролката на СДСМ.
Според неа, со ваквиот инцидент била нарушена безбедноста на границите и целосно суспендирана граничната контрола и ставена под партиска команда на „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ, што, како што оцени, е недозволиво и опасно за држава членка на НАТО.
Кузеска уште еднаш го повика Тошковски да си поднесе оставка и го повика Јавното обвинителство да отвори истрага и случајот да има разрешница.
„Бараме целосно да се декласифицираат и да се објават снимките од граничниот премин ‘Блаце’ за време на целиот ден. Граѓаните да видат кој се поминал без контрола, но и да се види дали и други возила се пропуштаат на граничниот премин Блаце. Бараме Тошковски да си даде оставка. На тој начин ќе остави простор истражните органи, Јавното обвинителство, во транспарентна постапка и без притисок да ја утврди одговорноста на сите инволвирани во овој голем скандал. ОЈО да отвори детална истрага и овој скандал да има разрешница. Секој што го прекршил законот мора да одговара“,
рече Кузеска.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера соопшти дека Министерството за внатрешни работи, во врска со патувањето на собранискиот спикер Африм Гаши во Косово, во последните три дена извршило интензивни проверки кои вклучуваат преглед на камерите на граничниот премин „Блаце“, увид во евиденцијата на системот за контрола на патници и возила и евиденцијата во книгите на настани и процедури на граничниот премин.
Притоа, било утврдено дека планот за патување на претседателот Гаши бил уредно најавен и заведен во евидентните книги по претходно известување од Министерството за надворешни работи на 16.08.2024 година. Во известувањето, покрај претседателот на Собранието, опфатени биле и членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила. Но, биле утврдени пропусти во системот за контрола на патници, односно, Гаши и неговата свадбена придружба не биле евидентирани на граница. Поради тоа, како што најави, МВР ќе преземе соодветни мерки за утврдување на одговорност за раководителот на смена, согласно Колективниот договор.