Тошковски има имот од над 200 квадрати, стан од 146 метри квадратни и деловни простории од 46 метри квадратни, а вкупната пазарна вредност на овој имот е над 400 000 евра, рече Кузеска
Скандалот со подарокот од 325 000 евра за генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, добива нови димензии – фамозниот имот кој му бил поклонет на Јанушев е во зграда во најстрогиот дел од центарот на Скопје, каде што покрај него, имот има и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, објави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Тошковски во зградата која е дел од шемата за поклонетиот имот на Јанушев има имот од над 200 квадрати, стан од 146 метри квадратни и деловни простории од 46 метри квадратни. Вкупната пазарна вредност на овој имот е над 400.000 евра. Овој случај ужасно потсетува на една друга зграда, каде порано имаа станови неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа стекнати на многу сомнителен начин“,
рече Кузеска.
Според Кузеска, овој случај потсетува на една друга зграда, каде што порано имаа станови неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа стекнати на многу сомнителен начин.
„Ги прашуваме Тошковски и ДКСК, пријавен ли е овој имот во анкетниот лист? Зошто неговиот анкетен лист не е достапен за јавноста? Клучно и најважно прашање: како се поврзани подарокот на Јанушев од 325 000 евра и имотот на министерот Тошковски? Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис-зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра?“,
посочи Кузеска.
Од СДСМ додаваат дека ќе продолжат да ги објавуваат сите информации додека не започнат истраги и додека не се дознае, како што велат, целата вистина. Ги повикаа Јавното обвинителство и ДКСК да го истражат случајот.