Според Курти средбата во Брисел не дала резултати поради условувањата од Србија и поддршката за предлогот на претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, прво да се формира Заедница на општини со мнозинско српско население како предуслов за реализација на други договори
Како премиер на Косово не може да го прифатам предлогот на Србија да започне прво со формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), како предуслов за спроведување на Договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, рече Албин Курти на прес-конференцијата по средбата во Брисел со високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи Жозеф Борел и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според Курти средбата во Брисел не дала резултати поради условувањата од Србија и поддршката за предлогот на претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, прво да се формира Заедница на општини со мнозинско српско население како предуслов за реализација на други договори.
Курти на прес-конференцијата рече дека на средбата дал предлог за следните чекори во спроведувањето на Договорот од Брисел и од Охрид, бидејќи српската страна немала никаков предлог. Тој истакна дека во оваа прилика ја повторува подготвеноста без никакви предуслови да ги применува договорите од Брисел и Охрид.
Курти неколкупати повтори дека претседателот на Србија Александар Вучиќ не дал никаков предлог на средбата и затоа средбата завршила без резултати, додавајќи дека компромис не може да има. Тој додава дека не може да има компромис меѓу предлогот и редоследот на чекорите во спроведувањето на бриселскиот и охридскиот договор и стариот услов – ЗСО.
„Кога побарав да го видам предлогот што го даде Србија, бидејќи ми рекоа дека постои, посредниците не можеа да ми го донесат и дури по завршувањето на средбата ми дадоа документ на две страници на англиски и кирилица кој е стар најмалку шест месеци. Тоа беше документ со кој Србија повторно условуваше дека прво мора да се формира Заедница на српски општини, а потоа да се премине на основниот договор“,
додаде Курти.
Тој вели дека во членот 10 од основниот договор од Брисел се посочува дека мора да се спроведат сите обврзувачки и валидни договори, а ги има 39.
„Но, не можете да изберете само еден и да го ставите како кола пред коњот. Затоа, јас не прифатив таков услов. Штета е што Лајчак прифати таков услов од Србија, со што ја наруши функцијата на медијатор“,
рече Курти.
Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи Жозеф Борел, по средбата со Вучиќ и Курти изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ го прифатил компромисниот предлог на ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, додека косовскиот премиер Албин Курти не бил подготвен да продолжи напред и да започне кредибилен процес на формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), но инсистирал на тоа „да се воспостави де факто“ признавање на Косово како прв чекор.
Тој рече дека, за жал, нема напредок во деескалацијата на ситуацијата на северот на Косово и потсети дека сите 27 членки на ЕУ побарале да се преземат итни чекори во оваа насока.
Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата изјави дека денешните преговори меѓу делегациите на Белград и Приштина во Брисел завршиле неуспешно бидејќи косовскиот премиер Албин Курти не го прифатил компромисниот предлог на Европската Унија.