Курти во својата изјава не спомна поддршка на следните избори за опозициските партии на Албанците, иако тие, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“, на крајот на декември минатата година се пофалија дека добиле уште еден поддржувач, партијата Самоопределување на Албин Курти
Самоопределување не е формирана како субјект во Македонија и според тоа не може да учествува на изборите, изјави денеска премиерот на Косово Албин Курти одговарајќи на новинарски прашања по денешниот состанок во Скопје на лидерите од регионот посветен на Планот за раст за Западен Балкан.
„Движењето Самоопределување не е регистрирано во Северна Македонија. Ние имаме активисти, имаме и службеници на нашиот политички субјект во Косово кои доаѓаат од Северна Македонија, меѓутоа овде немаме регистриран центар на Самоопределување. Затоа и ние како Самоопределување нема да учествуваме тука. Јас посакувам да има што поголемо учество на изборите бидејќи тоа придонесува за демократијата“,
порача Албин Курти.
Курти во својата изјава не спомна поддршка на следните избори за опозициските партии на Албанците, иако тие, обединети во коалицијата „Европскиот сојуз за промени“, на крајот на декември минатата година се пофалија дека добиле уште еден поддржувач, партијата Самоопределување на Албин Курти.
Како што соопшти тогаш претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, на изборните листи на оваа коалиција ќе има претставници на Самоопределување. Веста ја потврди и советникот на косовскиот премиер за Северна Македонија, Беким Ќоку, кој стоеше рамо до рамо со албанскките опозиционери.
Меџити во изјава за „360 степени“ објасни дека претставници на движењето Самоопределување кои ќе се најдат на заедничките листи за кандидати за пратеници, нема да фигурираат како партија, туку како поединци.
„Претставници на движењето Самоопределување ќе бидат на заедничките листи како поединци, не како партија. Тие имаат исти убедувања со нас и веќе се дел од коалицијата ’Европски сојуз за промени’. Советникот на Албин Курти за Македонија, Беким Ќоку, е стружанец, тој е македонски државјанин и порано бил пратеник во Собранието, така што не го спречува ништо да се најде на кандидатска листа за пратеник“,
ни изјави Меџити.