Станува збор главно за табличките со ознака КМ (Косовска Митровица) кои Косово ги смета за нелегални, но, кои досега се толерираа во општините со мнозинско српско население на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечани и Зубин Поток
Меѓународната заедница побара од косовските власти да го одложат процесот на пререгистрација за уште десет месеци за да се избегнат тензии, но премиерот Курти рече дека Косово веќе еднаш го продолжил тој рок
Косовскиот премиер Албин Курти денеска на прес-конференција го претстави планот за регистарските ознаки на автомобилите кои за градовите на Косово ги издаваат српските органи, според кој сопствениците на таквите возила од 1 ноември ќе бидат предупредувани и оваа мерка ќе трае три недели, односно до 21 ноември, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Потоа до 21 јануари 2023 година ќе се изрекуваат казни, а по овој период уште два месеци ќе се издаваат пробни таблички.
Од 21 април 2023 година, како што рече Курти, нема да биде дозволено движење на возила со други таблички освен оние со ознака РКС (Република Косово).

Рокот на косовската влада за пререгистрација на возилата со српски ознаки, кои за Косово се нелегални, истекува на 31 октомври, оваа година.
Станува збор главно за табличките со ознака КМ (Косовска Митровица) кои Косово ги смета за нелегални, но, кои досега се толерираа во општините со мнозинско српско население на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечани и Зубин Поток.
Од околу 10 000 автомобили со вакви регистарски таблички, колку се проценува дека има, околу 20 се пререгистрирани со ознаки РКС.
На прес-конференцијата по седницата на Владата, Курти рече дека ваквата одлука е донесена по внатрешни дискусии и консултации со безбедносните институции.
„Не ја менуваме нашата одлука, спроведувањето започнува на први ноември“,
рече Курти и повторно ги повика припадниците на српската заедница да ги пререгистрираат своите возила.
Тој напомена дека до 31 март 2023 година ќе важат финансиските олеснувања кои сега се во сила.
Министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечља на истата прес-конференција рече дека ваквата одлука е донесена со цел да се избегне ескалација на ситуацијата.
„Заинтересирани сме сите да ни ги предадат нелегални регистарски таблички и да ги искористат придобивките на нашата влада“,
рече Свечља и додаде дека мисијата на Владата на Косово е да го почитува законот и да обезбеди безбедност на целата територија на Косово за сите граѓани.
Косовскиот премиер рече дека денеска се сретнал со петмина амбасадори на земјите од Квинтата (САД, Велика Британија, Италија, Франција и Германија) и дека им го пренел ставот на Владата на Косово.
„Нивната идеја е целиот процес да се одложи за неколку месеци, но мислиме дека овој план е најдобар. Имаа прашања околу планот и потоа рекоа дека ќе се консултираат за да ги изнесат своите ставови за оваа наша одлука“,
рече Курти.
Меѓународната заедница побара од косовските власти да го одложат процесот на пререгистрација за уште десет месеци за да се избегнат тензии, но премиерот Курти рече дека Косово веќе еднаш го продолжил тој рок.
Прашањето со регистарските ознаки на Косово е едно од најгорливите во односите меѓу Белград – Приштина, а поради кое ситуацијата на Косово во неколку наврати беше на прагот од ескалација.
Европската комисија денеска изрази надеж дека до понеделник ќе се најде „соодветно решение“ меѓу Белград и Приштина за спорот околу пререгистрацијата на автомобилските таблички.
Како што изјави портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, Белград и Приштина, со посредство на пратеникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, „треба да најдат соодветно решение“.
Мамер истакна дека вчера во Приштина, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен „ги поканила двете страни да продолжат да преговараат во рамките на тековниот дијалог“.
Портпаролката на ЕК, Набила Масрали вели дека „остануваат уште три дена“ до крајниот рок што го поставија властите во Приштина, нагласувајќи дека ставот на ЕУ е дека „треба да се надеваме на решение“.