Тој тврди дека властите во Белград прават се за да ги спречат Србите на северот да се интегрираат поради што, како што вели, му е потребна помош од меѓународната заедница, особено од Европската Унија
Избори во четири општини на северот на Косово ќе се одржат наесен, изјави косовскиот премиер Албин Курти, пренесе РТК.
Во интервју за Радио-телевизија Словенија на Блед, каде што учествува на Стратешкиот форум, освен за организацијата на изборите во четири општини на северот, Курти зборуваше и за формирањето на ЗСО, за казнените мерки наметнати од ЕУ за Приштина и повторно го критикуваше Белград, јавуваат приштинските медиуми.
Тој тврди дека властите во Белград прават се за да ги спречат Србите на север да се интегрираат поради што, како што вели, му е потребна помош од меѓународната заедница, особено од Европската Унија.
„Имаше некои санкции за нашата демократска земја, поради ситуацијата на северот, за која немаме одговорност, таму се бориме против насилниот екстремизам, бидејќи беа нападнати војници на КФОР, граѓани и новинари. Вистина е дека граѓаните и бизнис заедницата страдаат од овие мерки, но и државните органи во однос на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која е блокирана. Сите грантови се суспендирани, а отстранувањето на овие мерки е вистинската работа што треба да ја направи ЕУ“,
рече Курти.
Европската Унија во јули донесе одлука да спроведе низа мерки кон Косово зашто владата во Приштина не ги презела потребните чекори за деескалација на ситуацијата. Портпаролот за надворешна и безбедносна политика на Европската комисија, Петер Стано изјави дека привремено е прекината работата на телата за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, дека е решено Косово да не биде покането на настани на високо ниво и дека сите посети ќе бидат суспендирани, со исклучок на оние што имаат за цел решавање на кризата на северот на Косово во рамките на дијалогот поддржан од ЕУ.
„Во мирување е и програмирањето на средствата за Косово во рамките на ИПА 2024. Предлозите презентирани од Косово во рамките на инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) не беа доставени на разгледување од Одборот на ВБИФ на 29-30 јуни“.
рече тогаш Стано.