Новиот косовски премиер во писмата пишува дека од 15 март ќе започне со укинување на таксите, но и дека очекува Србија да ја прекине кампањата за повлекување на признавањата на Косово од трети земји
Подмладокот на опозициската партија на Рамуш Харадинај, како одговор на намерите на Курти за укинување на таксите, денеска одеше дотаму што му остави мртовечки ковчег пред објектот на владата
Косовскиот премиер Албин Курти им упати писма на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и државниот секретар Мајк Помпео, во кои ги информира за чекорите што планира да ги преземе неговата влада во правец на укинувањето на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одделни писма до Трамп и Помпео, Курти ги објаснува чекорите што ги најави минатиот четврток, а кои треба да водат кон целосно укинување на таксата, прекин на непријателските дејствија од страна на Србија кон Косово и обновување на дијалогот Приштина-Белград до постигнувањето конечен договор.
„Почнувајќи од 15 март, ние ќе започнеме со укинување на таксата на стоките од Србија и БиХ која беше воведена од претходната влада. Првин ќе се повлечат таксите за суровините. Ова го правиме како израз на добар дипломатски гест и како знак на нашата определба да работиме заедно со САД за дијалогот со Србија. Ние се надеваме дека на нашите дејствија ќе биде реципрочно возвратено од Белград, од кого очекуваме да ги отстрани сите бестарифни бариери во трговијата со Косово, како и да ја прекине кампањата за повлекувања на признавањата на Косово“,
пишува во обете писма на косовскиот премиер.
Тој очекува од САД, како и од Европската унија, создавање мониторирачки и санкционирачки механизми, за да се обезбеди дека обете страни ќе се придржуваат на дадените заложби при досегашните договори, како и за оние што ќе се склучат во иднина.
Во врска со обновувањето на дијалогот со Белград, Курти вели дека во иднина него ќе го води лично тој.
„Владата и јас како премиер ги имаме уставниот мандат, политичката волја и законската обврска, како и целосната и ексклузивна одговорност да го преземеме врз себе водењето на овој процес и претставувањето на Косово на највисоко дипломатско ниво“,
пишува Курти, повикувајќи се на непостоењето, во изминатите две години, на координација меѓу претставниците на Косово „за улогата, интересите и целите во дијалогот со Србија“, како и на фактот дека е „нејасно кој зборува во име на Косово на меѓународната сцена и на преговарачката маса“.
На Трамп, косовскиот премиер, му се заблагодарува и за постојаната поддршка за Косово, како и за придонесот за стабилноста на регионот.
„Во оваа пригода сакам да Ви се заблагодарам за вашата постојана поддршка за Република Косово, како и за вашето залагање за создавање економски можности, безбедност и одржлив мир на Балканот. Ние го цениме извонредно високо личниот интерес кој што го покажавте за иднината на нашата земја и на регионот“,
пишува Курти.
Опозицијата остави ковчег за Курти, обвинител го отстрани

Опозицијата во изминатите денови жестоко реагираше на најавите на Курти за укинување на таксите, а во денешната акцијата одеа дотаму што му поставија и мртовечки ковчег на новиот премиер.
Акцијата ја извеле припадници на подмладокот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК) на доскорешниот премиер Рамуш Харадинај. Ковчегот тие го поставија пред објектот на владата на Косово и според партијата тоа е симболичка порака за „погребување на сите принципи“ што Курти ги имал до неодамна како опозиционер.
Во оваа акција се вмешало и обвинителството. Надлежен обвинител извршил увид, по што ковчегот е отстранет, а четворица припадници на Алијансата на младите на ААК биле приведени. Откако биле испитани во својство на сведоци, ги пуштиле на слобода.