Куманово и денеска се најде на листата на подрачја каде што се регистрирани нови случаи на ковид-19. Но, за разлика од претходните недели, тој број е низок. Новозаболени се само 4 лица.
Според денешните податоци од Министерството за здравство, во градот и околината има вкупно 197 активни случаи, со што Куманово и понатаму е едно од најпогодените подрачја. Но, ако се погледнат податоците кои ги испраќа Центарот за јавно здравје – Куманово, на подрачјето всушност му оди добро во намалувањето на бројот на активни случаи. Споредба со податоците од пред само една недела покажува значителни разлики.
На 30 јуни, или пред само една недела, на подрачјето кое го покрива Центарот за јавно здравје-Куманово имало 299 активни случаи. Денеска, таму има 197 активни случаи. Тоа значи дека за седум дена, бројот на лица кои во моментов се болни од коронавирусот се намалил за 34%.

Со намалување на бројот на активни случаи во последните седум дена можат да се „пофалат“ уште 7 подрачја во земјава. Но, од оние кои имаат барем 100 регистрирани случаи, никаде нема значително намалување.
Во Скопје, има позитивен тренд, но тој сѐ уште е минимален. Ако на 30 јуни имало 2 007 активни случаи, денеска има 1 941, што е само околу 3% помалку за седум дена.

Слично е и во подрачјето кое го покрива Центарот за јавно здравје – Тетово. На 30 јуни таму имало 384 активно болни од ковид-19. Денеска, пак, има 373 или само 3% помалку за една недела.
