Градоначалникот на една од најпогодените општини од почетокот на здравствената криза во земјава смета дека треба да се зголемат капацитетите пред можниот есенски бран на коронавирусот
Општина Куманово доставила предлог-локација за изградба на монтажна ковид-болница во дворот на Општата болница во градот, информира градоначалникот Максим Димитриевски.
Монтажната ковид-болница ќе го зголеми капацитетот за прием на пациенти.
„На последниот состанок на општинскиот Кризен штаб за заштита и спасување поднесовме барање до Владата и Министерството за здравство да се вклучат со заеднички сили првично да создадат услови, а потоа и да се изгради монтажна ковид-болница во Куманово, со цел да се зголеми капацитетот на регионалната кумановска болница. Во моментов гледам дека се одвиваат такви активности во Скопје и во други градови, но сè уште немаме официјален одговор од Владата. Верувам дека во следниот период ќе се изгради таков објект и кај нас во Куманово“,
изјави Димитриевски.
Општината ќе го подготви теренот, ќе обезбеди водоснабдување за објектот, а другиот дел од инвестицијата ќе го покрие државата, односно Министерството за здравство.
„Целта е да се зголеми капацитетот бидејќи, како што е најавено, нè очекуваат дополнителни ‘пикови’ на болеста, која не запира. Затоа апелирам да се сфати сериозно ситуацијата, да се носи заштитната опрема, да се одржува растојание и да научиме да живееме со ковид-кризата“,
изјави Димитриевски.
Здравствените власти најавија поставување на 16 монтажни болници низ градовите во државата, во очекување на можниот есенски бран на ковид-19.