Според јавно достапните податоци, Здружението, кое е основано со 15 цели и задачи, никаде не ги споменува Бугарите, ниту Бугарија, за разлика, на пример, од актуелното здружение на Украинците во земјава „Лесја Украинка“, чија прва јасно декларирана цел е да ги развива и унапредува пријателските односи и да иницира и поттикнува соработка меѓу граѓаните и институции во Република Македонија и во Украина
Наспроти официјалните документи според кои е регистрирано Здружението, на фејсбук-страницата „Културен центар Иван Михайлов – Битола“ пишува дека постојат за „рехабилитација и просветлување на ликот и делото на Иван Михайлов како еден од најзначајните ликови во историјата на Македонија“

Ниту „б“ од Бугари или Бугарија нема во основните цели и задачи на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, кој вчера, во присуство на висока бугарска делегација, отвори клуб во градот.
Според јавно достапните податоци од Централниот регистар, станува збор за организација формирана според Законот за здруженија и фондации, чие официјално име е Здружение Културен центар „Иван Михајлов“ (не „Иван Михаилов“ и без „ВМРО“). Исто така, според податоците достапни во базите на Централниот регистар, Здружението работи на 15 цели и задачи и тоа:
1. Заложба за воздигнување на достоинството и духовните вредности на граѓаните на Република Македонија и македонската држава;
2. Заложба за правна држава, доследно спроведување на законите и правните процедури и самостојност во одлучувањето на судовите;
3. Борба за слобода на говорот и печатот, спротиставување на секаков вид политичко туторство врз новинарството, цензурата и интервензионизмот во новинарските прилози;
4. Помагање и почитување на правата на етничките малцинства и спротивставување на какви било изрази на нетолеранција, шивинизам, сегрегација и стигматизација врз основа на полова, расна, етничка, јазична и верска основа;
5. Иницијативи за градење на пријателство и добрососедство со сите соседни држави како основа за нова балканска соработка;
6. Секаква помош во аспирациите за зачленување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО и запознавање на младите со ЕУ и НАТО институциите и нивното значење за РМ;
7. Промоција на идеи и инцијативи за заштита на сите човекови перава и демократски слободи;
8. Градење на политики за обезбедување на рамноправност на граѓаните за слободно изразување и застапување на идеолошки, политички, национални, врски и други ставови;
9. Со јакнењето на јавната свест во Република Македонија, можност заеднички преку решавање на економските проблеми, да се влијае и во насока на меѓуетничките ссостојби;
10. Давање стручна и експертска помош при изготвување на проекти и документација во делот на политиката, животната средина и природата и сите ефери од социјалниот живот;
11. Обезбедување на стручна инерпретација на податоците за состојбите на севкупната ситуација во земјава (преку проекти, семинари, работилници и слично)
12. Заложби за воведување на еколошка, политичка и социјална едукација во воспитно-образовниот систем во Република Македонија;
13. Консалтинг, помош каде што е потребна особено на маргинализираните групи и поединци;
14. Изработка на проекти од најразлични сфери;
15. Издавање и промоција на печатен материјал(книги, постери, календари и друго).
Според документите, Културниот центар „Иван Михајлов“ е регистриран во март 2019 година, а како основачи се јавуваат пет лица: Марија Ѓоргиевска, Љупчо Ѓоргиевски, Благој Шаторов, Анета Ринџова и Александар Ринџов. Овластено лице односно претседател е Љупчо Ѓоргиевски.

За разлика од официјалните документи според кои е регистрирано, Здружението во пракса користи друго име што е видливо и на просториите на клубот отворен вчера. Исто така, наспроти целите наведени во докумените, на фејсбук-страницата „Културен центар Иван Михайлов – Битола“ пишува дека постојат за „рехабилитација и просветлување на ликот и делото на Иван Михайлов како еден од најзначајните ликови во историјата на Македонија“. Меѓу достапните информации за активностите на Здружението е и онаа дека лани испратиле писмо до претседателот на Бугарија, Румен Радев, во кое, меѓу другото, се наведува дека има зачестени појави на повреда на нивните права поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.

Спротивно од ова, на пример, Здружението „Лесја Украинка“, кое поради руската инвазија е актуелно периодов во земјава, во своите основачки документи навело дека има за цел да ги развива и унапредува пријателските односи и да иницира и поттикнува соработка меѓу граѓаните и институции во Република Македонија и во Украина. Понатаму, Здружението децидно навело и дека за цел има да иницира отворање на украински културно-информативен центар во Република Македонија и македонски културно-информативен центар во Украина, а ќе поттикнува и изучување на украинскиот јазик во земјава и обратно. Здружението дури ги нуди своите услуги за визно-конзуларни прашања, ако за тоа се договараат двете држави и поттикнува и организира и други активности.
Културниот центар „Иван Михајлов“ вчера беше главна вест, откако високи претставници на Бугарија присуствуваа на отворањето клуб во рамки на ова здружение во Битола и оттаму упатија порака за почитување на правата на Бугарите во земјава.

Настанот, на кој покрај бугарскиот премиер Кирил Петков, присуствуваа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, и поранешната шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева, предизвика многу реакции во домашната јавност.
Во Битола се одржаа повеќе протести, а градот беше под засилено полициско обезбедување.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, повика на репроцитет од нашиот источен сосед во поглед на почитување на правата, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика Петков да отвори македонски културен центар во Благоевград и Сандански.
И денеска, опозицијата бара премиерот Димитар Ковачевски да побара рамноправност и заштита на Македонците во Бугарија.